Дресот „Божјата рака“ што го носел Диего Марадона кога го постигнал славниот гол на мечот против Англија на СП 1986 во Мексико може да се продаде на аукција за два милиони американски долари откако славниот Аргентинец почина во средата, претпоставува Дејвид Амерман од „Голден оукшн од Њу Џерси, експерт за спортски сувенири.
Дресот е во сопственост на поранешниот англиски репрезентативец Стив Хоџ, кој го добил од Марадона по мечот во Мексико.
– Одев низ тунел, а Марадона доаѓаше од спротивната насока. Само што го соблеков дресот и тогаш таму ги заменивме – рече Хоџ, кој по натпреварот заради интервју останал подолго на теренот.
Дресот е изложен во „Англискиот национален фудбалски музеј“ во Манчестер.
– Многу е тешко да се одреди вредноста на дресот „Божјата рака“, но знам дека сопственикот бара два милиони долари на приватна аукција. Тоа би можело да се случи со оглед на тоа што вредностите скокнаа во фудбалот – изјавил Амерман за агенцијата „Ројтерс“.
– Тешко е да се очекува дека ќе добие два милиони долари, но во исто време не гледам зошто некој кој има пари не би можел да посака такво нешто, но не можете само да ставите цена на тоа. Ако ја пронајдете вистинската личност на вистинското место, постои можност – објаснува Амерман.
– Неодамна продадовме за 10.000 американски долари копија од фудбалската идентификациона картичка на Марадона, кога тој бил дебитант. Таа картичка имаше вредност неколку стотици долари пред неколку години, но тоа беше пред неговата смрт. Вчера видов една на Интернет за која што се бараа 20.000 американски долари – додава тој.