Колку пати ви се случило да не знаете што да правите со себе од здодевност, па се нервирате затоа што мислите дека е губење време? Ако повторно ви се случи тоа, а сигурно ќе се најдете во таква ситуација, не очајувајте. Новото истражување покажало дека здодевноста е добра за менталниот развој!
На родителите им се советува да не им го организираат секој момент од денот на своите деца, туку понекогаш да ги оставаат да се досадуваат.
Времето што го поминуваме кога не правиме ништо е драгоцено за секоја индивидуа, затоа што тогаш умот се ослободува од сите надворешни притисоци, сметаат психолозите.
Секојдневно сме презаситени со различни информации, а паузата од тоа може да биде корисна за нашиот мозок, тоа ни помага да се опуштиме, да го намалиме стресот, но и да добиеме одговори на многу прашања што нè мачат. Кога ни е здодевно, нашиот ум скита и ние почнуваме да размислуваме, а тоа може да ни помогне да пронајдеме креативни решенија за многу задачи и проблеми, да ги подобриме нашите односи и комуникацијата со другите луѓе, но и да разбереме што сме направиле погрешно, што посакуваме и како да го оствариме тоа. Запомнете, понекогаш одличните идеи се раѓаат од здодевност. Слободно можете да се досадувате, без грижа на совеста, затоа што никогаш не се знае што може да произлезе од тоа.