Новиот албум „Арбор“ на познатиот македонскиот музичар, композитор, аранжер и продуцент Давор Јордановски, кој веќе дваесетгодини живее и гради успешна кариера во Канада, веќе може да се слушне на радио брановите во оваа држава, но и низ Европа.
Медитативната, опуштена енергија која Давор ни ја пренесува со „Арбор“ ќе ве однесе во некои други димензии. Оддавајќи почит кон великаните на клавијатури од 1980-те години на минатиот век, Вангелис и Жан Мишел Жар, Давор ги разбранува струите на тогашните субкултурни движења.
Давор вели дека во неговото родно Скопје, можебие единственото место во Европа каде што најгласно се сретнуваат звуците на истокот и западот, и каде претопувањето на различни култури трае со векови, а секојдневието е исполнето со музика од сите краеви на светот. Оттука и влијанието врз неговото творештвото.
– Секој мој албум е различен, а она што сите ги спојува е мешањето на музиката од сите страни на светот – вели Давор Јордановски.
И навистина неговите дела се фузија на поп и џез-музика, преку филмска и класична, па сè до амбиентална, аренби и современа музика.
Пред почетокот на светската пандемија на коронавирусот, во март годинава, Давор го промовираше својот петти албум „Десет Пурпурни Ноктурна“ во замокот „Ајви“ во Торонто.
Со истиот материјал беа закажани концерти во повеќе градови на Канада и САД, како и мини турнеја во Македонија и во соседните земји.
Овие настани беа заменети со онлајн настапи и видео-соработки со музичари од целиот свет, кои се уште се одржуваат.
– Живееме во виртуелана реалност и патуваме со времето. Моите онлајн настапи се непретенциозни, бдиејќи свирам од мојата дневна соба, а ме слушаат луѓе во своите домови и тоа за мене е исклучително доживување. Но се разбира ми недостасуваат живите настапи и енергијата на публиката – додава Јордановски.
На неговиот Јутјуб канал и на Фејсбук страница можат да се следат сите активности на овој исклучителен и важен македонски и светски автор и инструменталист.
Албумот „Арбор“ на Давор Јордановски, е достапен на сите дигитални платформи: Спотифај, Јутјуб и Епл мјузик. Фотографијата на обвивката, всушност е уемнтичко дело на Моника Шутески.
Инаку Јордановски, дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а потоа работи како клавијатурист во Биг бендот на МРТ и веднаш се наметнува како еден од најплодните млади композитори и аранжери во земјата, во областа на популарната музика. Од 2000-та година, живее со семејството во Торонто, Канада, каде што дипломира на Институтот ТРЕБАС и во Торонто го формира своето тонско студио „Биг бенд рекорд студио“, како и својата издавачка куќа наречена „Давориус продакшнс“. Исто така, тој е коосновач на издавачката куќа „Ем-ди скоринг“, заедно со Мики Петковски. Неговата работа како композитор, аранжер и продуцент вклучува и компании како што се: „Сони“/Би-ем-џи , „Вестар мјузик“, „Ем-ди скоринг“… М.Т.