Членовите на групата „Ганс енд роузис“ деновите минати во изолација ги искористија за работа на еден интересен проект. Тие наскоро ќе објават сликовница за деца, која ја насловија „Слатко мое дете“, според нивниот голем хит од 1988 година – „Sweet Child O’Mine“. Во пишувањето учествуваа сите, а помогна и писателот Џејмс Петерсон.
– Како долгогодишен обожавател на бендот, возбуден сум што ќе работам со членовите на „Ганс енд роузис“ и што славната песна ќе оживее на страниците на детска сликовница – порача Петерсон.
Според него, оваа детска книга „ќе ги слави љубовта и музиката на најубав начин“. Приказната зборува за Наталија и Меј, ќерка и внука на менаџерот на групата Фернад Лебелс и ги опишува нивните авантури додека растат на турнеите со бендот.
За „Ганс енд роузис“ ова ќе биде прва книга. Но тие не се првите музичари што ѕирнале во светот на книжевноста за деца. Пол Макартни од легендарните „Битлси“ лани ја објави книгата „Еј, внуко“.
Петерсон неодамна ја напиша и книгата „Претседателот исчезна“, на која соработуваше со бившиот американски претседател Бил Клинтон.