Дури 690 милиони луѓе во светот се гладни, а разликата од минатата година е што бројката е зголемена за 10 милиони луѓе. Овој факт потврдува дека постои сериозно влијание од пандемијата на ковид-19 врз животот и егзистенцијата на луѓето. Бројот на луѓе во светот непрекинато расте. Предвидувањата се дека до 2050 година е можно бројката да стигне до 10 милијарди лица. Овој раст бара зголемени потреби од сите ресурси, а производството на храна треба да се зголеми дури за 66 отсто од актуелното.
Годинава Светската организација за храна и земјоделство го слави својот 75. роденден, додека истовремено светот се соочува со незапамтена здравствена и социјално-економска криза. Во такви случаи, не е изненадувачки што темата на кампањата за одбележување на годинашниот Светски ден на храната е „Одгледувај, храни, поддржувај. Сите заедно. Нашите активности се нашата иднина“, чија цел е ја подигне колективната свест, да разбуди солидарност кај луѓето, да иницира глобален активизам и заедничко дејствување на сите индивидуи, но и на социјалните системи. И иако коронавирусот, без сомнение, го освои светот, ги окупира нашите животи, привлекувајќи многу глобални проблеми во втор план, гладот е она што не исчезна за време на пандемијата, туку, напротив, се зголеми. Целите за одржлив развој на ООН се „Без глад до 2030 година“.
Околу 70 проценти од сиромашните во светот се оние што најмногу се потпираат на земјоделското производство и природните ресурси. Сопствениците на малите фарми произведуваат дури 80 проценти од светската храна. Тие се оние што се најсилно погодени од последиците од пандемијата.
Гладот, дебелеењето, деградацијата на животната средина, брзото губење на биолошката разновидност, огромното количество храна што се фрла, егзистенцијалните и деловните проблеми на производителите и другите работници во производствениот синџир се само некои од прашањата што во ерата на пандемија и економско уништување предизвикано од неа добија важност.