Фото: Маја Јаневска-Илиева

Не ми беше потребна оваа пандемија за да нурнам во себе и да се преиспитам. Јас го правам тоа секојдневно и во нормални услови. Моите текстови се реални, бидејќи се производ на моите себеиспитувања, вели Игор Атанасоски-Харе

Игор Атанасоски-Харе, музичар

Игор Атанасоски-Харе е еден од ретките музичари во Македонија што живеат од својата работа. Тој е врвен гитарист, композитор, текстописец, со кариера долга триесетина години. Членувал во култната група „Банкрот блуз-бенд“, а подоцна соработувал речиси со сите познати македонски музичари и пејачи, свирејќи насекаде низ Македонија и во странство. Бил на сцена заедно со Пеце Атанасовски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Ристо Вртев, Тоше Проески, Игор Џамбазов, Кирил Џајковски… По издавањето на првиот соло-албум „Overdose oд bluz“, во подготовка е вториот авторски носач на звук, чија реализација ја прекина карантинот поради пандемијата на коронавирусот.

Сите јавни настани се стопирани, а за жал не се реализираа ни закажаните свирки, концерти, промоции. Како се справувате со ситуацијата, како сето ова влијае на вашето расположение, но и на вашата креативност?
– И јас, како и сите други, затекнат сум од новонастанатата ситуација. Во моментот кога почна кризата ја снимав последната песна од мојот втор албум, кој го работам во соработка со различни пејачи. Не успеав да ја завршам поради заради забраната за движење. Ќе почекам сето ова да заврши и да продолжам со снимање, а во меѓувреме сум дома. Да бидам искрен, не сум толку изненаден од ова што се случува, дури и очекував ваков развој на настаните. Едноставно, забега човештвото. Она што го живееме, и добро и лошо, е производ и на нашето однесување.

Освен што создавате нова музика, имате ли и некои други ангажмани?
– Периодов препрочитувам стари книги, завршувам некои одамна почнати песни и секојдневно свирам гитара, така ми поминува времето.
Вашите колеги, пејачи, музичари, секојдневно поставуваат снимки со настапи од дома. Дали и вие го правите тоа?
– Пред неколку дена ја испеав „Overdose од blues“ и ја споделив со моите пријатели на Фејсбук. Одекот беше одличен.

Дали во овие карантински услови навистина имате „оverdose од blues“?
– Блузот ме допира како емоција, со својата искреност. Но не сака секој да му ја кажеш вистината. Луѓето во овој тежок живот повеќе сакаат некој да ги замае.
Што конкретно вие лично научивте од ситуацијава, дали се нурнавте подлабоко во себе, а тоа пак ве одведе едно скалило повисоко во личниот духовен развој?
– Не ми беше потребна оваа ситуација со вирусот за да нурнам во себе и да се преиспитам. Јас го правам тоа секојдневно и во нормални услови. Тоа повеќе им треба на оние што немале време за тоа досега. Моите текстови се реални, бидејќи се производ на моите себеиспитувања.

Мислите ли дека треба релевантните институции да ви помогнат на вас, музичарите, кои губите мнoгу со тоа што немате ангажмани периодов?
– Се согласувам дека институциите треба да им помогнат на уметниците во овој тежок период. Иако не знам како ќе го направат тоа и како ќе одлучат кому да му помогнат. Јас досега не сум имал никаква помош од институција и сѐ менаџирам сам, така што не би се надевал премногу. Со кризата сега за сега се справувам добро, сѐ додека не се потрошат парите, а потоа…

Дали сте задоволен од досега снимените песни за албумот на соработки што го насловивте „Пејачи и песни“?
– Првата замисла ми беше песните да бидат како рака и ракавица со пејачите за кои се наменети и мислам дека така и излезе. За Игор Џамбазов е „Староста доаѓа“, за „Нокаут“ – „Ти си таа што ми треба“, со Аки Рахимовски ја снимивме „Мајко“, со Мики Јовановски-Џафер „Посакав да пеам“, со Дани Димитровска е реализирана „Некаде“, а од соработката со Тамара се роди „Љубов“. Немам зад себе ниту издавачка куќа, ниту менаџерска компанија, а тоа ми дава комоција, но поради сегашните услови и голема неизвесност.

Песната „Мајко“, која ја напишавте за Аки Рахимовски, прекрасна емотивна балада, неодамна доби нова верзија, за што станува збор?
– Последно што снимив е песната „Мајко“, оригинално отпеана од Аки Рахимовски. Овој пат тоа го направив во инструментална верзија со градскиот мандолински оркестар „Свети Николај“ од Свети Николе. Презадоволен сум од тоа како излезе сѐ. Снимивме и видео, кое можат да го видат гледачите на мојот јутјуб-канал.

Дали најубавиот дел од изолацијата ќе биде некоја нова авторска песна, која вашата креативност и долгогодишно искуство ќе ги сублимира на најдобар начин?
– Да, во моментов работам на нова песна инспирирана од карантинот и се надевам дека наскоро ќе ја објавам. Но јас никаде не брзам, чекач сум и мислам дека е добро да си трпелив. А најмногу затоа што сакам ова што го оставам зад мене како музика да го издржи тестот на времето.