Израелските археолози во Ерусалим пронајдоа величествена палата од периодот на библиското царство Јуда. Внимателно издлабени камени конструкции со многубројни детали и други предмети се пронајдени околу три километри јужно од Стариот Град на Ерусалим.
Археолозите сметаат дека некои предмети биле правилно закопани во земјата, но не е јасно зошто е направено тоа. Се претпоставува дека палатата била изградена помеѓу осмиот и седмиот век пр. н.е. Меѓу остатоците откриени во денешниот округ Источен Талпиот, познат и како Армон Ханезив, биле пронајдени три богато украсени камени горни делови од столбови и остатоци од раскошни прозорски рамки.
Во соопштението од Израелската управа за антиквитети се вели дека горните делови на столбовите, за кои се претпоставува дека ги дизајнирале кралските архитекти од времето на Првиот храм (10 – 6 век пр. н.е.), се најубавите и најимпресивни откриени досега и се додава дека е изненадувачки што два од трите горни делови на столбовите се „уредно закопани, еден над друг“.
– Во овој момент е тешко да се каже кој ги скрил горните делови на столбовите на тој начин и зошто го сторил тоа – вели професорот Јаков Билиг, кој ги водел археолошките истражувања.
Тој додава дека големата зграда, најверојатно, била уништена за време на вавилонското освојување на Ерусалим во 586 година пр. н.е.
Експертите од Управата за антиквитети сметаат дека жителите на овој „монументален објект“ имале прекрасен поглед на Давидовиот Град, како и на еврејскиот храм на светото плато, што Евреите го нарекуваат ридот на храмовите, а муслиманите Харам ел Шариф (благородно светилиште).
Археолозите претпоставуваат дека во објектот живееле членови на кралско или некое благородно семејство. Орнаментот на горните делови на столбовите е визуелен симбол од периодот на кралството Јуда и Израел, а како мотив се појавуваат и на монетата од пет шекели, која се користи и денес во Израел.