Третото издание на фестивалот „All you need is love“ ќе се одржи во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 23 декември. Момците од „Фанк шуи“, Влатко Стефановски со своето трио и Златимир Стипишиќ Џибони со неговиот бенд ќе ја збогатат новогодишната атмосфера во градот со многу добра музика и добри вибрации.
Влатко Стефановски посочи дека многу му се допаднал слоганот на овој фестивал „All you need is love“, кој е вонвременски.
– Сабајле ја пуштив песната на „Битлси“ и не е исклучено и да ја отсвириме на концертот, бидејќи овој слоган е актуелен и денес. Музиката не е спорт, таа се заминама со емоции, чувства и пораки што се универзални. И добро е да комуницираме под слоганот „All you need is love“, бидејќи љубовта ни е многу потребна, како и почитта, во овие нервозни, турбулентни времиња. Музиката е тука да не враќа кон вистинските вредности – рече Влатко Стефановски.
Тој додаде дека оваа 2018 година споерд концертите настапи му е рекордна.
– Имав над 70 настапи во регионот и низ светот. Неодамна со триото, во Австралија имавме неверојатно успешна турнеја во Сиднеј, Мелбурн и Перт и би сакал со коцнерт во Скопје да ја заокружам оваа богата година. Се радувам што повторно ќе го видам Џибони, секогаш е големо задоволство да се свири со него. Јас ќе свирам со свеоето трио, а потоа и во неколку песни во неговото шоу – рече Влатко Стефановски.
Тој пред новинарите откри и дека специјален гостин на концертот ќе биде неговиот син Јан Стефановски, кој од ден на ден е се подобар тапанар.
– Овојпат Јан ќе се претстави пред малку поголема публика, поради што и јас и тој сме многу возбудени – откри Стефановски.
Џибони,пак, испрати видео поздрав.
– Драги пријатели му се радувам на концертот во Скопје, тоа за мене е голем празник. Ќе дојдам со голема екипа и ќе го донесеме малку духот на Далмација во Скопје – порача Џибони.