Холивудските sвезди Пенелопе Круз (45) и Винона Рајдер (48) ќе го бранат актерот Џони Деп (56), кој долго е во судовите со својата поранешна сопруга и актерка, Амбер Херд (33).
Драмата на поранешните сопружници не завршува, а сега Винона и Пенелопе застанаа во одбрана на својот колега изјавувајќи дека не го гледаат како силеџија и дека тоа им е едноставно незамисливо.
Деп поднесе тужба против поранешната сопруга Амбер Херд, во која ја тужеше за клевета кога таа во интервју за „Вашингтон пост“ се опиша како жртва на семејно насилство и злоупотреба.
По потпишувањето на изјавата, актерките ќе сведочат на суд во корист на Деп.
– Не сакам никого да наречам лажго, но не верувам во ужасните обвинувања што му се припишуваат. Особено ме вознемирува бидејќи го познавам исто како и Амбер. Го познавам како добро и грижливо момче кое заштитнички се однесува кон оние што ги сака – напиша Винона во изјава во судските документи, јавува „Пипл“.
Винона и Џони Деп беа заедно четири години и ова не е првпат таа да се најде во одбрана на Деп. Двајцата почнаа врска во 1990 година, а се свршија пет месеци подоцна. Иако многумина очекуваа да се венчаат, тие раскинаа.