„Шираз инкомпорејтед“, фирмата на индискиот актер Шираз Хасан со седиште во Холивуд, која го промовираше семејството Кардашијан, пејачот Џастин Бибер, пејачката Џенифер Лопез и најбогатата старлета Парис Хилтон, тврди дека сега е ангажирана од британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл.
Според објавата на оваа компанија на Инстаграм, војводата и војвотката од Сасекс, кои минатиот месец добиле дозвола од кралицата Елизабета Втора да живеат во странство и сами да заработуваат пари, откако се откажале од кралските должности, сакаат Шираз од нив да направи бренд.
Бакингемската палата ги негираше и ги нарече „категорично неточни“ обвинувања дека Хари и Меган ја ангажирале фирмата, но „Шираз“ не ја отстрани објавата на социјалните мрежи. Згора, компанијата ги поканува своите клиенти од Блискиот исток, Индија, САД и од Азија да ги испратат понудите на „Шираз“ за настап на војводата и војвотката од Сасекс на нивните настани. Сопственикот на „Шираз“, Хасан инсистира дека работи директно со „внатрешниот круг“ на Маркл.
– Секогаш запомнете дека Меган била актерка во Холивуд пред да стане принцеза – напишал Хасан на Твитер.
Тој рече дека веќе испратил понуди во висина до 3,5 милиони американски долари на војводата и војвотката од Сасекс, тврдејќи дека тие се подготвени да „играат игри“. Според него, Меган планира да го помине претстојното лето во Лос Анџелес, нејзиниот роден град.
Ќе го направиме брендот 100 пати поголем од оној на Ким Кардашијан, а ние сме тие што ја создадоа Ким. Тие ќе станат бренд вреден повеќе милијарди долари. Само гледајте – рече Хасан.
Британски „Сан“ наведува дека експертите за брендирање проценуваат оти вредноста на кралскиот бренд на Хари и Меган многу брзо би можела да го достигне оној што сега го имаат поранешниот фудбалер Дејвид Бекам и неговата сопруга Викторија, што вреди околу 830 милиони евра. Рон Торосијан, извршен директор на фирмата за односи со јавноста за „5 Ви паблик рилејшн“, верува дека војводата и војвотката од Сасекс би можеле да заработат големи пари на социјалните мрежи, каде што една нивна објава би можела да вреди и до 225.000 евра.