Тренер по борење повторно ја отвора салата за тренинг и покрај тоа што ја изгубил раката во бомбашки напад. Во сиромашниот кварт од Кабул, борењето нуди надеж и отпор против теророт на Исламската држава.
За да изведе „салтур“, борецот го грабнува противникот, го поддигнува неколку сантиметри и со превртување преку глава го соборува на подот. Тоа е техника со која тренерот Гулам Абас ги подучува своите ученици веќе 30 години и му е навистина драга. Но, тој повеќе не може да ги демонстрира зафатите. Додека неговите 40 ученици се борат и напрегаат, неговиот лев ракав се лелее на местото каде што треба да е неговата рака.
На 5-ти септември околу 18 часот, Абас чул истрели и извици. Успеал да се стрча кон вратата на салата и да ја затвори токму пред лицето на бомбашот, кој ја активирал бомбата која ја носел во ранец, додека надвор на улицата била детонирана автомобил -бомба. Откако се разбудил од бесознание во болница, сфатил дека неговата лева рака била откината од експлозијата која убила 30 луѓе, а 50 биле повредени.
– Порано многу добро им ги демонстрирав зафатите на учениците, но сега повеќе не можам да го правам тоа. Многу ми е жал за тоа – вели Абас.
Тој морал да се адаптира, а неговата сопруга му помага при облекувањето, но тој не може повеќе да и помага при одредени обврски во домаќинството. Додека заздравувал во болница, стотици родители го посетиле со цел да му се заблагодарат што ги извел нивните деца на добар пат или за тоа што им го спасил животот дента кога е изведен нападот.
Абас знаел дека ќе се врати во салата и ќе го обнови боречкиот клуб Маиванд, кој бил отворен во 1980 година. Веднаш салата била поправена, а тој почнал да се враќа во форма трчајќи десет круга околу болницата секое утро и секоја вечер.
Ова е петти напад во западниот дел на Кабул од страна на Исламската држава годинава.
И покрај стравот, половина од учениците продолжуваат да тренираат, а бројката постојано расте.
– Непријателот не сака да тренираме. Но ние потврдивме дека можеме да се вратиме и да ги направиме работите подобри. Борењето само по себе е форма на отпор – велат младите борачи.