„Good Vibrations“ станаа прв милионски сингл на момчињата од плажата, хит број еден на листите во Велика Британија и во САД, а многу музички критичари и денес ја сметаат за најдобра рок-песна на сите времиња
Многупати во животот сме го слушнале изразот „добри вибрации“. Тоа е вистински рефрен на едно време исполнето со оптимизам, добра забава и нов поглед на светот. Сепак, приказната за добрите вибрации почнува во еден семеен дом во Калифорнија, САД. Станува збор за семејството на браќата Вилсон (Брајан, Карл и Денис), нивниот роднина Мајк Лав и пријателот и комшија Ал Џардин. Погодувате, тоа се членовите на оригиналниот состав на попрок-групата „Бич бојс“ (The Beach Boys) или, популарно кажано, за момците од плажата. На почетокот настапувале под името „Д Пенделтонс“ (The Pendletones), име ставено според тогаш атрактивните волнени маици „пенделтон“. Подоцна, или поточно во 1961 г. кога сурферските мотиви беа најмногу застапени во нивните почетни музички хитови, кога всушност тие станаа едни од создавачите на еден нов музички правец сурфрок-музика и кога го издадоа хитот „Surfin“, групата го смени името во „Бич бојс“ (Момци од плажата).
Инаку, „Бич бојс“ се глас на една генерација тинејџери од топлите плажи на Калифорнија. Нивната успешна приказна започнува со музичкиот хит „Surfin Safari“, од нивниот истоимен дебитантски албум од 1962 година. Во 1963 г. го издаваат албумот „Surfin USA“, со кој се потврдуваат како едни од основачите на сурф-музиката, но и како најуспешни сурф-рокери што тој музички стил го издигнаа до максимум, пеејќи за летото, морето, младоста, сонцето и убавите девојки. Во 1964 година, во рамките на албумот „All Summer Long“, го издаваат хитот „I Get Around“, кој исто така се искачува на првото место на топ-листата во САД. Дека музиката од првите нивни хитови се темели на животот на младите („All Summer Long“, „Fun, Fun, Fun“), автомобилите и бесното возење со нив („Little Deuce Coupe“) и сурфањето на вода („Surfin USA“, „Surfin Safari“), потврдуваат и наведените песни. Тие со овие хитови стануваат најпозната попрок-група од САД, но и пошироко во светот, сѐ до 1964 година, кога на музичката сцена ќе блеснат „Битлси“ и ќе ја направат британската инвазија на САД, со што ќе им станат најголеми ривали.
Во 1965 година го продуцираат хитот „California Girls“ и дефинитивно стануваат прва рок-атракција во светот. Како атрактивна попрок-група во периодот 1965-1966, одат на голема музичка турнеја, при што реализираат голем број успешни концерти и стануваат многу популарни меѓу младите тинејџери. Но тогаш почнуваат и првите проблеми, кога Брајан Вилсон се разболува, паѓа во депресија и почнува да користи опојни дроги. Од тие причини, тој се повлекува од концертите и се посветува на пишување песни и нивна продукција. Во тоа време како нов член на групата е примен Брус Џонсон. Прв голем резултат од музичката генијалност на Брајан и од неговиот софистициран приод кон музиката е албумот „Pet Sounds“. Тоа е уметничко дело, најиновативен албум од раниот период на рокенролот и носач на звук што беше многу влијателен и го потврди рејтингот на групата како најиновативна, пред ерата на „Битлси“. И според кажувањето на Пол Макартни, албум што извршил големо влијание врз нив при создавањето на албумот „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band “ (Клубот на осамените срца на наредникот Пепар). Песните како „Wouldnt It Be Nice“ и „God Only Knowes“ покажаа дека Карл Вилсон е добар вокалист, а Брајан Вилсон има голем талент и потенцијал на композитор и продуцент, кој од талентиран бенд-лидер израснува во студиски музички гениј.
И, така, креативното лудило на Брајан Вилсон ја водеше групата од хит во хит, а најпознати се: „Help Me Rahonda“, „Caroline, No“ и, секако, „Good Vibrations“. Но и неговото лично лудило почна да зема замав. Но тој, сепак, неуморно работеше, па, така, заедно со текстописецот Тони Ешер создаде збирка песни што со своето хармониско богатство и звучната иновативност претставуваа најголемо придвижување во дотогашната историја на попрок-музиката.
Особено е интересна приказната за нивниот најголем музички хит „Good Vibrations“. Во суштина, оваа песна е најзначајно револуционерно праче на тогашната рок-ренесанса. Звучеше како ништо што дотогаш било пуштено на радио, видено на телевизија или слушнато во живо. Едноставно, едно од најголемите ремек-дела на рок-музиката.
Самиот Брајан ја опишал како џебна симфонија. Песната беше готова во септември 1966 г. и претставуваше четириминутна експлозија на неодоливи мелодиски фрази, изненадувачки динамични и ритмични промени и искрена порака испратена до сите љубители попрок-музиката. Брајан Вилсон при создавањето на овој музички хит експериментирал со звуците од кларинет, виолончело, фузиран бас, хонки-тонки клавир, хамонд органа, усна хармоника, перкусии и бескрајни комбинации на гласови. Со ова ремек-дело засекогаш ја проширија модерната вокална хармонија, користејќи многу вибрато и пеејќи во повеќе тонови.
Оваа комплексна структура и необични вокални аранжмани отскокнуваа од дотогашната рок и ритам и блуз-продукција. Исто така во неа првпат се антиципирани прогресивен рок и психоделичен соул. „Good Vibrations“ стана прв милионски сингл на момчињата од плажата, истата година песната стана хит број еден на листите во Велика Британија и во САД, а многу музички критичари и до ден-денес ја сметаат за најдобра рок-песна на сите времиња.
Во таа смисла музичкиот магазин „Моџо“ во 1997 година овој музички хит го прогласи за најдобар сингл на сите времиња, во 2000-та ВХ1 ја стави на осмото место на листата 100 најголеми рок-песни, а во 2004 година магазинот „Ролингстоун“ ја рангира на шестото место од 500 најдобри песни на сите времиња. Оваа навистина џебна симфонија најави звучни колажи со кои Брајан Вилсон ќе се служи на никогаш завршениот албум „Smile“ (Насмевка), за кој пак тој самиот велеше дека е „тинејџерска симфонија на бога“.
Но, како и да е, музиката на тинејџерските херои од плажата беше и сѐ уште е инструментална елеганција, лирска софистицираност, џез-хармонија и вокална експертиза, како инспирација за многу идни музички ѕвезди на рок-музиката. Автори се на музичкиот идентитет на Калифорнија – „калифорниски звук“, но и втемелувачи на нов музички стил, прифатен и признаен во целиот свет. Нивното, комерцијално успешно, музичко дело е признаено и од критиката и ги вбројува во највлијателните бендови во историјата на рок-музиката.
Извадок од книгата во печатење Обожавани музички икони. Заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди