База за подморници со површина од 41.000 квадратни метри на доковите на Бордо, деновиве претставува дом на „Лес Басoн де Лумиер“, најголемиот центар за дигитална уметност во светот. Изградена во периодот помеѓу 1941 и 1943 година кога Франција се наоѓала под германска окупација, со текот на годините оваа база за подморници се користела како фабрика за металургија и како повремена просторија за фестивали и филмски проекции. Но периодов таа изгледа значително погламурозно од кога било, бидејќи музејскиот колектив „Културеспас“ ги отвори вратите на нивниот најнов простор за дигитална уметност. „Лес Басoн де Лумиер“ зафаќа четири мрачни комори долги 110 метри во центарот на огромните базени, во кои порано биле сместени 16 нацистички подморници.
Аудиовизуелно истражување на делата на Густав Климт е деби-шоуто на локалитетот и претставува нова верзија на дигиталната изложба, која ја претстави „Ателие де Лумиер“ во Париз и првпат се појави на „Кариер де Лумиер“. Раскошните ентериери на империјална Виена се појавуваат на секоја површина, а потоа се претвораат во зголемени верзии на најпознатите слики на Климт, од „Бакнежот“ до неговиот популарен златно-сребрен портрет на Адел Блох-Бауер. Во заднина, Махлер, Вагнер и Бетовен го исполнуваат просторот од 80 скриени звучници. Во исто време, во истиот простор се одвива и една помала изложба на апстрактниот сликар Пол Кле, чиј индивидуален стил комбинира експресионистички, надреалистички и кубистички влијанија.