На бис Анастејжа испеа песна посветена на нејзините обожаватели, насловена „My Everything“, со која ѝ се заблагодари и на скопската публика, а крајот на концертот го означи нејзиниот најголем хит „I’m Outta Love“
Американската пејачка Анастејжа, чиј заштитен знак е моќниот црнечки глас, која досега продала сто милиони албуми во целиот светот, завчеравечер одржа концерт за паметење во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Светската поп-дива, која храбро му пркоси на животот победувајќи во многу битки, во рамките на својата повратничка турнеја наречена „Evolution“, по последниот истоимен албум ги почести скопјани со првокласен музички настан.
Иако салата не беше полна, уште од првите тактови на нејзиниот голем хит „Left Outside Alone“, со кој Анастејжа го почна концертот, таа создаде флуид со публиката, која запеа со неа, а таа воодушевено, поздравувајќи ги присутните рече:
– Не верувам дека вие досега никогаш не сте присуствувале на мој концерт, и навистина не знам зошто досега не сум била тука. Ви благодарам, прекрасни сте и сигурна сум дека повторно ќе се видиме тука во Скопје и во Македонија – порача таа.
Благодарение на убавата енергија со која зрачеше, интеракцијата на публиката, одличните музичари и придружни вокали, а наедно и танчарки, впрочем и пејачката некогаш се занимавала со танц, во што можевме и да се увериме, атмосферата не падна ни за миг во двата часа што светската поп-икона им ги посвети на скопјани. Всушност тоа беше љубов на прв поглед, бидејќи таа одушевена од реакциите и заедничкото пеење, од аплаузите и ѕвезденото небо што ѝ го подарија, возвраќаше со многу ведрина, па дури и направи муабет со некои обожаватели, се фотографираше со нив… Десетина добија и маички на подарок, кои беа фрлани од сите страни на арената.
Звукот и светлото беа одлични, како и целокупната атмосфера. Убав беше впечатокот да се присуствува на настан што го виделе многу обожаватели на Анастејжа во регионот, но и во целиот свет, бидејќи во период од неколку години ова е нејзина трета светска турнеја.
– Многу време изгубив поради мојата борба со канцерот и не сакам веќе да бидам одделена од публиката. Затоа бај, бај канцер – рече оваа енергична и бестрашна жена, која им е пример на многумина.
Анастејжа (49) е потписничка на договор за партнерство со „Канцер рисрч УК“, а донираше и финансиски средства за да помогне во истражувањата и медицинските решенија што помагаат при ракот на дојка, кој и самата двапати го преживеа.
Во продолжението на концертот слушнавме песни од сите нејзини носачи на звук: „Caught In The Middle“, „I Can Feel You“, „Redlight“, „Sick And Tired“, „Before“, „One Day In Your Life“, „Nobody Loves You Better“, „Pieces Of A Dream“, „Stupid Little Things“, „Paid My Dues“…
По официјалниот крај следуваше бис на кој Анастејжа испеа песна посветена на нејзините обожаватели, насловена „My Everything“, со која ѝ се заблагодари и на скопската публика, а крајот го означи нејзиниот најголем хит „I’m Outta Love“.
Концертот беше во организација на „Прагма продукција“.