Целијакија е болест во која ретко кој се сомнева и таа често останува недијагностицирана, а доколку не се лекува може да биде фатална. Многу луѓе со години имаат различни заболувања и не знаат на што да ги припишат.
Се проценува дека во Европа едно или две лица од стотина страдаат од целијакија или целијачна болест, автоимуна болест предизвикана од реакција на глутен – протеин што е составен дел на пченица, јачмен и ’рж. Поради тоа, се претпоставува дека повеќе од седум милиони луѓе низ цела Европа страдаат од оваа болест, а само до 25 проценти (процентот е различен во секоја земја) од заболените имаат поставена медицинска дијагноза.
Целијачната болест има широк спектар симптоми; од благи до многу тешки. Некои луѓе со години имаат симптоми и тоа не го припишуваат на оваа болест, особено ако се присутни само неколку од многуте симптоми. За жал, дури во акутната фаза на болеста, пациентите честопати имаат повеќе проблеми: мигрена, надуеност, гадење, гасови, дијареа и/или запек, замор, афти во устата, пликови на кожата, ненадејно или неочекувано губење на тежината, дебелина, анемија, слаба плодност, импотенција…
Единствениот лек е доживотна строга исхрана без глутен, која доколку почне да се применува навреме, може целосно да го подобри здравјето. Доколку не се лекува, целијачната болест може да доведе до голем број сериозни компликации, вклучувајќи болести на многу органи, анемија, остеопороза, невролошки состојби како што се глутенска атаксија и невропатија. Исто така, постои зголемен ризик од тумори и карцином.
И мажите и жените еднакво страдаат од целијакија. Она што е заедничко за сите лица со целијачна болест е истиот третман со безбедна и строга диета без глутен, што е невозможно да се спроведе долгорочно доколку лицето не е дијагностицирано. Тоа бара промена во исхраната и начинот на живот, кој секојдневно бара големо внимание и строго придржување.
Без разлика во која земја живеат, предизвиците за оние што живеат со целијачна болест остануваат исти. Како да се да направи точна дијагноза што е можно поскоро? Како да се справат со строгата диета без глутен? Како правилно да се избере и да се набави храна без глутен? Како да се издигне свеста за болеста и што значи да се живее со целијакија?
Глобалната заедница за целијакија е поважна од кога било, па затоа Европското здружение за целијакија (АОЕЦС) ги повикува сите со целијачна болест да се приклучат на националните друштва за целијакија и да ја поддржат нивната работа, затоа што тие се гласот што може да го слушнат Владата, производителите на храна, трговците, угостителите и здравствените професионалци.
– Само во соработка со нив може да се направи вистинската промена од која ќе имаат корист нашите заедници – порачуваат од здружението.