Бренд-концепти: Музички икони (25)
Најважните и највозбудливи моменти во историјата на популарната музика во 20 век се моментите што претставуваат уривање на ѕидовите на различните култури, традиции и обичаи, кои истовремено се нови звучни мостови помеѓу луѓето и така стануваат основа за надминување на другите значајни разлики. Низ овие процеси најмногу се работеше за премостување на јазот меѓу европската и американската култура. Тоа се приказните за бришење на границите помеѓу „црната“ и „белата“ музика. На тој план извонредно е импресивен придонесот на рокенрол-десперадосите од бендот „Аеросмит“ или, како што ги нарекуваат, лошите момци од Бостон, кои го носат епитетот најдобар рокенрол-бенд од САД. Формирани се во 1970 година, а најпознатата постава ја сочинуваат Стивен Тајлер (пејач, пијанист), Џо Пери (гитара), Брад Витфорд (гитара), Том Хамилтон (бас-гитара) и Џои Крејмер (тапани). Тоа е составот што почна со голема амбиција да создава жесток блуз-рок и успеа во тоа. Тие дефинитивно се најдобар стадионски хардрок-бенд, со ритам и блуз-корени, елементи на поп, па и хевиметал. Нивниот прв албум од 1973 година го нарекоа едноставно „ Aerosmith“ и, оттогаш, со мали падови и промени на составот, траат нивните ѕвездени моменти. Првата фаза на бендот трае до 1979 година, кога ги објави вонвременските музички хитови и албуми. Тоа се „Aerosmith“ (1973), „Toys in the Attic“ (1975), „Rocks“ (1976) и „Draw the Line“ (1977).
Најмаркантни во бендот се Тајлер и Пери, кои слично на Мик Џегер и Кит Ричард од „Ролингстоунс“, имаат експлозивна хемија на љубов и омраза. Тие се облекуваа во фанки-облека и имаа долги коси. Тајлер ги лакираше своите нокти, а гитаристот Пери имаше русо перче во својата црна разбушавена коса. Групата креираше изглед што беше тежок за имитирање од страна, но доколку некој се обидеше, речиси со сигурност предизвикуваше бран на потсмевање. Тие беа доволно различни од другите за да бидат забележени, но и доволно репрезентативни во однос на својата публика, што прифаќањето на бендот од страна на обожавателите беше навистина едноставно.
Полека, ама сигурно, го создадоа оригиналниот аеросмит-звук, така што на нивниот хевиметал суптилно додаваа софистицирани ритми карактеристични за соул и фанк-традицијата на нивните сонародници со црномурна боја. Со култната песна „Walk This Way“, еден вид фанки-минијатура со прекрасен гитарски риф, стекнаа култен статус на североистокот на САД. Албумот доживеа мултимилионски тираж, а лошите момци станаа суперѕвезди. Следуваа години на успех, на хитови и на распродадени концерти.
По долги години проткаени со пишување, снимање, турнеи и продажба, бендот стигна до оној степен што за поголемиот дел од музичкиот свет би значел кулминација на успехот, распродавањето на концертите на најголемите стадиони. Но хармонијата во рамките на бендот не беше на задоволително ниво. Злоупотребата на дрога доведуваше до кавги, нелојалност и до физички проблеми. Тајлер и Пери, познати како токсичните близнаци, имаа интензивно пријателство исполнето со љубов и со омраза, што со текот на времето го доведе Пери да го напушти бендот. Дрогата, алкохолот и расправиите ги направија непродуктивни во студиото и несигурни на стадионите. Но тие собраа сили и се издигнаа од пепелта на „срушените мостови“ (нарушените меѓусебни односи), повреденото его и илјадниците заеднички испушени џоинти. Така произлезе новиот „Аеросмит“, бенд што ќе доживее поголем успех – како финансиски, така и личен. Тие се можеби најуспешната и најпоучна бренд-приказна за пресоздавање рокенрол-бренд.
Клучни компоненти за реконструирањето на бендот беа отрезнувањето и престанокот на злоупотреба на дрога, особено поради тоа што сите оригинални членови на бендот беа повторно активни во него. Денес, по 20 години трезвеност, секој од членовите на бендот со сигурност тврди дека животот е повреден и дека секој од нив е повеќе фокусиран од претходно. Но пресоздавањето на брендот на бендот изискуваше и кобрендирање. Во времето кога „Аеросмит“ се подготвуваше за своето пресоздавање, рап-музиката започна да испливува од својот ограничен урбан пазар. Една група што добиваше огромно внимание беше „Ран Ди-Ем-Си“ и „Аеросмит“ ја разгледуваше можноста за правење рап-верзија на својата песна „Walk This Way“, пеејќи и настапувајќи заедно на видеоснимката. Римејкот би ја дефинирал разнообразноста – делумно урбан paп, делумно рокенрол. Млади музичари во подем и постари подзаборавени ѕвезди. Црни и бели.
Во мај 1986 година, соработката „Аеросмит“ – „Ран Ди-Ем-Си“ стигна на радиото и на телевизијата и се искачи на четвртото место на топ-листата. Видеоснимката ги прикажуваше „Аеросмит“ во една соба и „Ран Ди-Ем-Си“ во друга, одвоени само со еден ѕид. „Аеросмит“ се обидува да ја свири и да ја изведува својата музика, но бучавата што доаѓа од соседната просторија е прегласна и го спречува. Така, Тајлер и неговиот бенд го рушат ѕидот помеѓу двете простории и го пеат рефренот од песната „Walk This Way“ низ урнатиот ѕид во светот на рапот. Видеоснимката продолжува така што обединетиот бенд ја исполнува песната и потскокнува по сцената во стилот на Тајлер. Сѐ до денес, ова видео е сѐ уште дел од највлијателните топ тен-листи и на Ви-ејч 1 и на Ем-ти-ви примарно поради ефектот, кој го имаше видеото врз отфрлањето на вистинските бариери помеѓу рапот и рокот, помеѓу белите и црните деца и помеѓу генерациите.
„Аеросмит“ навлезе во телевизиската музика и не се навраќаше наназад. Ги зајакнаа карактерот на бендот и влијанието на нивната музика. Тие, исто така, успеаја да го срушат мислењето дека овој средовечен рок-бенд не може да биде прифатен од страна на нова генерација обожаватели. Членовите на бендот се подложија на рехабилитација, престанаа да злоупотребуваат дрога и ги пренасочија своите животи кон своите семејства, кон својата уметност и, со текот на времето, кон самите себеси. Новата верзија на „Аеросмит“ беше здрав и енергичен бенд што допрва ќе ја напише и ќе ја изведе најкритички одобрената музика во својата кариера. Со продадени над 150 милиони албуми е најпродаван бенд од САД и група со најмногу златни плочи. Имаат добиено признанија за своите видеозаписи, модни награди, десет МТВ-музички награди, четири „греми“ и шест американски музички награди, а примени се во „Рокенрол-домот на славните“.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)