Маестро Симон Трпчески одржа прекрасен концерт во Будимпешта со симфонискиот оркестар на Унгарското радио. Тој пред унгарската публика го претстави својот проект „Македонисимо“ со кој изминатиов период настапи на сцените ширум светот.
На концертот меѓу другите присуствувал и Ивица Боцевски, кој од пред извесен период е назначен за специјален претставник на Владата за унгарското претседателство со ЕУ. Токму Боцевски бил поздравен со аплауз кога Трпчески му го посветил “Пиперка орото” на неговиот прв бис.
-Симон е најдобар доказ што пропушта Европа заради недовршената македонска и, општо, балканска европска интеграција. Сиот талент, сета креативност, ум, труд и професионалност на секој Балканец е нераскинлив дел од европската цивилизација, култура, економија и придонесува кон зголемување на европската конкурентност во трката кон врвот во 21-иот век. Унгарците тоа одамна го знаат и затоа срдечно ја поддржуваат нашата европска интеграција, а и се однесуваат кон нас како небаре веќе да сме земја-членка. Беше гордост да се проследат петте биса што унгарската публика му ги даде на Симон, а и потоа да се ужива во друштвото на најдобрите унгарски и европски уметници кои беа дојдени да го проследат концертот – изјави Боцевски.