Фото: ЕПА

Лејди Гага ќе одржи бесплатен концерт на 3 мај во Рио де Жанеиро, на познатата плажа Копакабана, каде што Мадона, исто така, пееше пред милионската публика една година претходно, пренесе АФП.

-На 3 мај Лејди Гага е во Рио де Жанеиро – рече градоначалникот на градот, Едуардо Паес, во интервју за подкастот PodK Liberados. -Дали потрошив јавни пари за да ја поканам Лејди Гага? Да. Ги потрошив и на Мадона. А знаете ли зошто? Затоа што таа ги полни хотелите и рестораните – додал тој.

Концертот, закажан за мај, ќе биде бесплатен за јавноста и ќе се одржи на сцената лоцирана на плажата Копакабана – една од најпопуларните туристички дестинации во Рио. Минатата година, сличен настан на Мадона донесе повеќе од 60 милиони долари за локалната економија, соопштија властите. „Историскиот“ концерт на Material Girl го следеле рекордни 1,6 милиони луѓе. Ролинг Стоунс и Род Стјуарт исто така привлекоа огромна публика на истото место во Рио.

На 2 февруари, Лејди Гага ја освои својата 14-та Греми награда за песната Die With A Smile, која ја сними минатата година со Бруно Марс.

Американската суперѕвезда ја објави својата најнова песна Abracadabra на 3 февруари и таа брзо стана една од најслушаните песни на стриминг платформите. Синглот е дел од нејзиниот осми албум Mayhem, кој официјално ќе биде објавен на 7-ми март.