На настанот по повод 100 години од раѓањето на Конески се читаше негова поезија, а академик Ќулавкова се осврна кон творечкиот опус на Конески
Во прилепската библиотека се одбележани 100 години од раѓањето на Блаже Конески, со што меѓу првите доби поголем дел од 12-томното издание за творечкот опус на великанот Блаже Конески кој се подготвуваше неколку години и МАНУ го издава во годината кога славиме 100 години од раѓањето на кодификаторот на македонскиот современ јазик, на поетот, прозаист, академик, граматичар Блаже Конески.
Според академик Катица Ќулавкова од МАНУ, Блаже Конески ја испрати својата порака за значењето на јазикот кој е наша основна татковина, а ние со порака дека треба да го чуваме зашто е дел од идентитетот на македонскиот народ.
– Се наближува денот на раѓањето на великанот Блаже Конески кога одбележуваме 100 години од неговото раѓање (19 декември). Овде во прилепската библиотека сум на некој начин да ги промовирам изданијата на МАНУ кои се резултат на еден долгогодишен проект, критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески. Станува збор за 12 тома: во првите два тома е објавена поезијата, потоа препевите на Блаже, па прозата, есеите на Блаже Конески, Кирилометодиевистиката, и последните неколку томови се исклучиво лингвистички, и завршуваме со неговата граматика иприлозите кон современиот македонски јазик. Тоа е што се однесува до критичкото издание што го почна академик Ѓурчинов, а јас го продолжив. Со голем тим на лингвисти, книжевни научници успеавме да го завршиме ова навистина значајно издание. Сите пораки на Блаже Конески за македонскиот јазик се дадени во неговото обемно научно и поетско дело, а тоа е дека: македонскиот јазик е нашата идеална татковина, тоа е духовна и го обединува македонскиот народ каде и да е. А ние, како Ману постојано излегуваме со институционални ставови за македонскиот јазик, прво за јазик кој е самостоен, произлегува од групата словенски јазици, имаме самостоен развој.Македонскиот јазик е богат граматички, структурно и се залагаме во современо доба да врши интегративен фактор во нашето општество-рече Ќулавкова.
Според Моника Талеска, директор на библиотеката „Борка Талески“ во прилепската библиотека од приближно 135.000 книжни единици, околу 200 се на Блаже Конески.
– Тоа е релативно мал дел од фондот на библиотеката. Особено сме горди на еден раритетен примерок од 1945 година со наслов „Македонската литература и македонскиот литературен јазик кој сега има и ново издание. Го чуваме како посебен примерок кој за нас има огромна вредност. Многу ни е драго што денес го организираме овој настан, по повод 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески за да ја оддадеме нашата почит кон ликот и делото на великанот Конески-рече Талеска.