Споменикот на културата во старата скопска чаршија, Куршумли ан, ќе биде реставриран. Ова беше посочено денеска за време на посетата на објектот што ја остварија министерот за култура Хусни Исмаили, амбасадорката на Република Турција во нашата земја Тулин Еркал Кара и директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Серхат Кула.
За време на посетата беше посочено дека Управата за заштита на културно наследство веќе има издадено Одобрение за конзервација и реставрација на Куршумли ан за што веќе е назначен и овластен архитект кој ќе врши надзор на изведувањето на работите на непосредна заштита-конзервација и реставрација на објектот.
Истовремено министерот Исмаили посочи дека целокупниот процес на реставрација на Куршумли ан ќе биде следен од страна на надлежните институции и тоа со особено внимание, како врвен приоритет, се со цел, согласно Законот за заштита на културното наследство и законската регулатива, да се овозможи непречена реализација на проектот.