Македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски – Цветин ги повикува сите што добиле негова подарок-слика да бидат дел од претстојната изложба „Мироносно цвеќе за пријателството“, што ќе се одржи пред куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ в сабота од 12 часот.
Во рамки на настанот во организација на здружението на просветни работници на Град Скопје, по повод на УНИЦЕФ, ќе им бидат доделени награди на поетесата Бистрица Миркуловска и на универзитетските професори Јелица и Атанас Николовски.
Поповски досега подарил над 60.000 свои слики и организирал над 300 изложби во Македонија и во светот (Шведска, Полска, Германија, Италија и Канада), како и во поранешните југословенски држави (Србија, БиХ, Хрватска, Црна Гора). Меѓу познатите личности кои добија негови дела на подарок се Перез Де Куељар, Бутрос Б. Гали, Кофи Анан, Џорџ Буш, Михаил Горбачов, Вили Брант, Сандро Пертини, Индира Ганди, Мајка Тереза…
Во 2009 година македонскиот сликар беше номиниран за „Нобеловата награда за мир“ и се најде меѓу петте најсериозни кандидати од 20-те предложени. Тој е добитник на повеќе награди меѓу кои се државната награда „Мајка Тереза“ и највисоките признанија на Црвениот Крст на Република Македонија.