Која е добитничката на „букер“
Јоха Алхарти, универзитетска професорка по арапски јазик, родена во Оман, е првата писателка од оваа земја чија книга е преведена на англиски јазик, и не само преведена туку набргу потоа ѝ е доделена и интернационалната награда „букер“, една од најпрестижните светски книжевни награди.
За романот „Небески тела“, авторката Алхарти и преведувачката Мерилин Бут добија 50.000 фунти, а она што секогаш оди со меѓународната награда „ман букер“ и им е поважно на авторите од парите – книгата доби голем број преводи, го привлече вниманието на уредниците во издавачките куќи на светско ниво. „Небесни тела“ е преведена на дваесетина јазици од минатата година.
Романот чие дејство се одвива во Оман е напишан додека Јоха Алхарти била на докторат во Шкотска. До англискиот превод, што ѝ го отвори патот до „букер“, а потоа и до преводи на други јазици, дошла благодарение на судбината.
Се случило така што нејзиниот ментор од докторските студии се пензионирал, а Мерилин Бут, експертка за современа арапска литература, дошла на празното место. Јоха Алхарти, неповрзано со работата на нејзината докторска дисертација, ѝ го покажала ракописот на Мерилин Бут, на која толку многу ѝ се допаднал што го прочитала и веднаш, без да има издавач, се понудила да го преведе романот. Не било лесно да се најде издавач. Конечно, книгата беше објавена во 2018 година од мала независна шкотска издавачка куќа.
Преку судбината на трите сестри, Јоха Алхарти раскажува за преминот на Оман од традиционалното рурално патријархално општество, во кое исламот се мешал со локалните духовни убедувања и практики, во урбана држава што извезува нафта.
Јоха Алхарти почнала да го пишува „Небесни тела“ неколку месеци откако ја родила својата ќерка, семејството тешко се снаоѓало во Единбург, тие биле принудувани често да изнајмуваат мали станови. Во тоа време, во првите денови на мајчинството, таа се борела со стресот поради пишувањето на докторатот, иако пишувала дисертација за арапската поезија. „Небесни тела“ почнува да го пишува за да се засолни во својот мајчин јазик од целата непријатност што се насобрала. Таа вели дека тоа е роман што ја „спасил“ и ѝ помогнал да ги преброди тие напнати месеци. Студирањето арапска литература далеку од дома ѝ донесе и можност да ја види сопствената култура од поинаква перспектива. Се сеќава дека една вечер се вратила во станот, го заспала бебето, а потоа седнала на компјутер и спонтано почнала да пишува на арапски јазик.
Јоха Алхарти пораснала во буржоаско семејство во Оман. Се сеќава како нејзиниот дедо, кога била девојче, постојано ѝ рецитирал стихови, обидувајќи се често да дава пораки поврзани со секојдневниот живот преку поетски слики и метафори, животни ситуации во кои би се нашле, искажувајќи го својот став преку поезијата.
„Небесни тела“ не е нејзин дебитантски роман, пред него објавила три збирки раскази и уште еден роман и веќе некое време размислувала за втор, имала нејасни скици на ликови во главата.
– Бев далеку од Оман, малку носталгична. Инспирацијата дојде од фактот дека не бев дома, а тоа исто така произлезе од некои настани од историјата на Оман, социјални, културни, политички, кои денес се веќе малку заборавени – вели авторката.
Јоха Алхарти додава дека пишувањето на нејзиниот мајчин јазик во тоа време било како да се враќа во својата утроба, чувството на сигурност што ѝ било потребно тогаш во туѓиот свет. Книгата е објавена на арапски јазик во 2010 година, а авторката сега ја нарекува своја „среќна книга“.
– Мислам дека книгите се како луѓе, некои имаат навистина среќен живот, а оваа книга доби големо внимание и од читателите и од публиката – вели таа.
Јоха Алхарти сега живее во Мускат, таа е професорка на тамошниот универзитет. Букеровата награда, вели таа, ѝ донела можност да ја читаат во светот, но и многу нови читатели во арапските земји.
– Но мојот живот по „букер“ навистина не се промени многу. Јас сè уште ја работам мојата работа на универзитетот прекуден, а кога децата ќе легнат навечер, седнувам да пишувам – вели писателката.