Промовирана книгата со колумни на поетот Ефтим Клетников објавувани во „Нова Македонија“
Новата книга на поетот Ефтим Клетникот „Јанѕа и рана – записи во несоница“, која содржи 65 есеи, колумни објавени во „Нова Македонија“ во периодот од 2016 до 2018 година, беше завчеравечер промовирана во „Салон 19:19“ во Културно-информативниот центар. За неа говореа промоторите Ристо Никовски и Сотир Костов, извадоци читаше актерот Александар Џуровски, а пред многубројната публика, меѓу која беше и рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, на кавал настапи Марјан Јанковски.
– Во книгата има 64 брилијантни есеи чија синтеза е судбината на македонскиот народ, расветлена од различни аспекти. Секој есеј е бисер за себе. Во секој од нив, авторот прави мозаици од безброј драгоцени камчиња од кои секое блика со сопствена сила. Снопот се претвора во ласер што ги разоткрива двојните стандарди и манипулации на странците што бескрупулозно ги спроведуваат своите планови. Крајно бесрамно, тие едни вредности јавно промовираат, а сосема други спроведуваат во практика. Ефтим ги регистрира и со жесток речник ги критикува и сите наши историски грешки, кои се и основната причина за дереџето во кое сме доведени – рече Ристо Никоски.
За Сотир Костов, пак, промовираното дело не е само состав од голем број есеи, туку еден грандиозен, македонски есеј.
– Ова е есеј што дава слика за нас Македонците, за Македонија, за тоа што ни се случува, што не направивме, а што треба да направиме за да ја спасиме есенцијата, која е содржана во ова дело. А тоа е името Македонија, тоа е идентитетот на нас Македонците без разлика дали живееме во Македонија или каде било во светот, тоа е јазикот, нашата единствена, неподелена татковина – нагласи тој, нарекувајќи го Клетников визионер, генијот од Негрево, од Малешевијата, еден од интелектуалните гуруа од „Македонски манифест“.
Според Костов „Јанѕа и рана“ е светла книга што со своите проблесоци дава креативни идеи како да ги надминеме тагата, јанѕата, летаргијата.
– Ова се навистина есеи, колумни пишувани во несоница, и таа несоница многу долго трае кај нас, кај целото семејство, кај моите пријатели – посочи меѓу другото Ефтим Клетников, нагласувајќи дека во овој период, исто така во „Нова Македонија“, во пет продолженија тој ја објавува и колумната „Протејскиот витализам на западниот фашизам“.