Доделени наградите на „Браќа Манаки“
Добитник на наградата „златна камера 300“ на 42. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ е кинематограферот Јани-Петери Паси, за филмот „Купе број 6“, кој не беше во Битола, но се обрати со видеопорака.
– Благодарам, Битола. За жал, не можев да бидам таму оваа година. Беше големо изненадување за мене, истовремено чест да се добие повторно ова големо признание. Толку многу бев возбуден, што се разбудив среде ноќ и останав буден. Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите. Се надевам ќе се видиме следната година – рече Паси.
За одлуката, претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ, кажа дека е убаво кога може да се види како самите кинематографери признаваат дека работите се дел од тимски напор и дека кинематограферот е сличен на диригент што го раководи оркестарот и дава ритам.
– Да се биде член на жири е и доста интимна работа, затоа што сите цениме различни нивоа и тоа ја прави одлуката тешка, но во овој случај одлуката ни беше лесна на сите пет члена на жирито. За деликатниот и чувствителен начин на кој камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север, жирито му ја додели наградата „златна камера 300“ на кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“ – рече Меденчевиќ.
Добитниците на наградите ги соопштија членовите на жирито.
Добитникот на наградата „мала камера 300“ за краток филм го соопшти Соња Просенц.
– На повеќето во медиумскиот свет ни е јасно дека многу често на жените што се занимаваат со оваа професија повеќе шанси им се даваат кога станува збор за краткометражни филмови, додека потешките задачи се резервирани често за нашите колеги мажи. Но мило ми е дека фестивалот „Браќа Манаки“ веќе открил и наградил повеќе кинематограферки и чест ми е да ја најавам наградата „мала камера 300“ за краткометражен филм, која ѝ се доделува на кинематограферката Жоана Силва Фернандеж, за филмот „Низ маглата“, за смелото, интуитивно, но истовремено минималистичко користење на визуелното раскажување – рече Просенц.
Заблагодарувајќи се за наградата со видеопорака, Жоана упати благодарност и до режисерот Диого Салгадо за можноста неговата приказна да ја раскаже таа преку слики.
– Поради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високоестетизиран визуелен стил, одлучивме „бронзената камера 300“ да ја добие кинематограферот Рубен Импенс, за филмот „Титаниум“ – соопшти членот на жирито Димо Попов.
За деликатната камера што нѐ приближува до ликовите што се добро позиционирани во урбаниот пејзаж на Осло, „сребрената камера 300“ му се додели на Каспер Туксен, за филмот „Најлошата личност на светот“.
Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Мони Дамевски, кажа дека, и покрај сите пречки и предизвици, успеале да ја продолжат магијата и да ја отсонуваат приказната до розов хепиенд.
– Искрено би сакал да ви заблагодарам вам за тоа. Зошто се чини дека токму со доаѓањето во вашето и наше пристаниште Битола, како да запреа сите бури коишто дотогаш жестоко ни се закануваа и му се закануваа на нашиот фестивалски брод. По 16 септември, нашата пловидба одеднаш стана мирна и потоа со вас, битолската публика, со вашите и наши прекрасни лауреати и со извонредното меѓународно жири поминавме шест беспрекорни денови во Битола – рече Дамевски.