Националната установа – Филмски центар „Вардар филм – Скопје“ почнува со реализација на вториот проект „Тајните филмски архиви на градот“, со поддршка на Град Скопје.
Проектот се состои од прибирање 8-милиметарски ленти преку јавен повик до граѓаните што во своите домови сè уште чуваат вакви материјали.
На овој начин ќе ги зачуваат своите спомени и ќе бидат дел од втората приказна на „Тајните архиви“.
– Мора да истакнеме дека филмската лента има свој век на траење и единствен начин да се зачуваат материјалите би биле преку нивна дигитализација. По процесот на дигитализација, се преминува кон монтажа на краток документарец за Скопје. Целта ни е да собереме материјали на кои можеме да ги видиме Старата чаршија, Калето, „Кермес“, Дебар Маало итн. – велат од „Вардар филм – Скопје“.
Граѓаните што имаат 8-милиметарски ленти може да ги донесат своите материјали во НУФЦ „Вардар филм – Скопје“.