Почнува „Галичник филм-фестивал“
Играни краткометражни филмови, документарни краткометражни филмови и анимирани краткометражни филмови ќе бидат дел од „Галичник филм-фестивал“, кој ќе се одржува од денеска до 8 август.
– Штом сончогледите ќе заспијат, фестивалската магија започнува! Угоре на Упија, „Галичник филм-фестивал“ под отворено небо милува. Свој на своето – повикуваат организаторите.
Официјалната селекција содржи 24 краткометражни филма од целиот свет, неколку европски премиери, но и наслови со учества и награди на Канскиот филмски фестивал, на „оскарите“, ИДФА, Венецискиот филмски фестивал, интернационален филмски фестивал во Торонто, „Сараево филм-фестивал“…
Амфитеатарот ќе биде домаќин на филмските проекции под отворено небо, а доцните часови се резервирани за концерти со филмска музика. Овој млад културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања од регионот и пошироко.
Селекцијата вклучува 26 филма од целиот свет, во три натпреварувачки категории: игран, документарен и анимиран краткометражен филм.
Добитникот на „оскар“ за најдобар краткометражен филм, „Кожа“ на режисерот Гај Натив, и номинираниот за „оскар“ „Собата за писма“, на режисерката Елвира Линд, се само дел од врвните филмски достигнувања што се борат за главната награда. Домашните автори повторно имаат значајно место во програмата. На отворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски. Дополнително ќе имаме можност да го погледнеме и „Кавал“ на Саша Станишиќ.
„Летачки пекинезери“ ќе го отворат фестивалот со свој концерт на филмска музика, а диџеј Чваре е резервиран за последната фестивалска вечер. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија од Скопје, а го реализираат „Дарма филм“ и МЗ Галичник.