За време на неговата речиси триесетгодишна кариера во Холивуд, славниот режисер Квентин Тарантино често им ги препорачуваше на своите обожаватели филмовите што најмногу го импресионирале. Тоа го прави и денес. Овој пат славниот режисер, на промоцијата на својата книга, новелизацијата на неговиот филм „Си беше еднаш во Холивуд“, зборуваше за романите што извршиле најголемо влијание врз него.
Џон Минахан – „9.30.1955“
Овој роман, базиран на сценариото на Џејмс Бриџис, за филмот „9.30.1955“, го следи животот на студентот опседнат со Џејмс Дин, кој во сѐ го имитира својот идол, но тешко му е да се помири со фактот дека славниот холивудски актер трагично загина во сообраќајна несреќа.
Џон Минахан – „Сведок“
„Сведок“ е уште една романизација на популарен филм, напишан од Џон Минахан. Главниот лик на овој трилер е чуварот Дарил, инаку голем обожавател на телевизиската репортерка Антонија. Кога ќе се случи убиство во зградата каде што работи, тој конечно ја запознава својата миленичка, која цврсто верува дека Дерил знае нешто за убиството што може да ѝ помогне на полицијата да ги фати сторителите.
Вокер Перси – „Љубител на кино“
„Љубител на кино“ е првиот роман на Вокер Перси. Тоа е исто така негово единствено дело што ја доби престижната Национална книжевна награда. Романот се одвива за време на карневалот во Њу Орлеанс, кон крајот на 1950-тите години, и ја следи судбината на Џон Бинкс Болинг, брокер, љубител на филмот и воен ветеран во Кореја, кој тргнува во потрага по смислата на животот непосредно пред неговиот 30-ти роденден.
Дејвид Селцер – „Предвидување“
Кога бил помлад, Тарантино бил убеден дека еден од неговите омилени хорори, филмот „Предвидување“, е адаптација на истоимената книга. Меѓутоа, се покажа дека филмот ѝ претходел на книгата. Како и во филмот, така и во романот на Дејвид Селцер, главни ликови се Џереми Торн, американскиот амбасадор во Велика Британија, неговата сопруга Кетрин и нивниот син Демијан, кој има задача да го исполни пророштвото на ѓаволот.