Во рамките на одбележувањето на јубилејот 25 години од воспоставувањето билатерални односи меѓу Шпанија и Македонија, Амбасадата на Шпанија во соработка со Министерството за култура и Кинотеката на Македонија организира „Недела на шпански филмови“, која започна вчера, со проекција на филмот „Како да се биде нормална личност“ (2015), во режија на Летисија Долера. Филмските критичари го истакнуваат префинетиот хумор на авторката и актерка Летисија Долера, препорачувајќи им го филмот на гледачите што сакаат комедии поинакви од холивудските.
Во рамките на Неделата ќе бидат прикажани филмовите: „Кинеска приказна“ (2011), во режија на Себастијан Боренштајн, „Апостол“ (2012), долгометражен анимиран првенец на Фернандо Кортизо, а наедно и прва шпанска дигитална бурлеска снимена со техниката на 3Д стоп-анимација, потоа „Дождот исто така“ (2010), во режија на Исијар Болаин, „Црн леб“ (2010) на Агусти Виљаронга – добитник на девет национални шпански филмски награди „гоја“, „Мартин јуниор“ (1997) на Адолфо Аристараин, „Животот продолжува“ (1965), во режија на Фернандо Фернан Гомез.