Издавачката куќа „Антолог“ објави четири нови книги за деца. Станува збор за прекрасни илустрирани изданија за читатели од различна возраст, кои се идеален избор за подарок по повод празниците.
– Оваа година ја заокружуваме со многу акции, саеми и подароци за нашите читатели. Имаме специјални понуди за секого и за сечиј вкус. Многу нови книги од сите жанрови ве чекаат во нашите книжарници и на предновогодишните саеми на книгата. Не ги заборавивме ни децата, највредните читатели. За нив имаме свежи сликовници и пакетчиња полни радости – велат од издавачката куќа.
Под слоганот „Нека трепка!“ се објавени: илустрираната сликовница „Мимбо Џимбо и долгата зима“ од Јакоб Мартин Стрид, научнофантастичната бајка за деца „Сонот на Ѕуница“ од турската авторка Филиз Оздем, емотивната приказна „Леле, ми се скрши срцето!“ од турската авторка Елиф Јемениџи и забавната авантура „Амелија Вампирозабовска и Варварскиот бал“ од Лора Елен Андерсон.
– Во овој претпразничен период не ги забораваме и повозрасните читатели. Освен новите изданија и акциите со намалени цени, пред публиката ќе претставиме и нов креативен производ каков што досега не бил достапен на пазарот на книги во Македонија – постер за гребење со 25 читачки предизвици за 2021 година – најавуваат од „Антолог“.