Скулпторот го изработи делото во метал на Интернационалниот симпозиум на монументална јавна скулптура
Скулптурата од метал под наслов „Фузија“ на македонскиот скулптор Сашо Саздовски ќе биде поставена во јавен простор во провинцијата Ентре Риос во Аргентина. Саздовски пред десетина дена се врати во Скопје по учеството на четвртиот по ред Интернационален симпозиум на монументална јавна скулптура во Хасенкамп, во споменатата провинција во близината на Буенос Аирес.
Тој беше селектиран како единствен учесник од Македонија, која наедно и првпат има свој претставник на овој симпозиум што се одржува секоја година на територија на различни провинции во близината на Буенос Аирес. На него учествуваа скулптори од Белгија, Шпанија, Чиле, Еквадор, Аргентина, кои изработуваа скулптури во метал. Јавниот простор каде што ќе биде поставена „Фузија“ е избран од урбанистичката комисија на провинцијата Ентре Риос.