Македонската филхармонија ја почнува новата концертна сезона, вечерва во 20 часот, со концертот под наслов „Ново утро“, на кој ќе настапи врвниот пијанист од Франција, Лука Дебарг. Дебарг, кој е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, ќе го изведе најкомплексното дело за пијано, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.

На концертот „Ново утро“ ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оркестарот на Македонската филхармонија по подолга пауза ќе ја изведе и романтичната и атрактивна „Фантастична симфонија“ од францускиот композитор Хектор Берлиоз.

Францускиот пијанист Лука Дебарг (1990) е едно од најголемите откритија денес во сферата на пијанизмот, лауреат на 15-от „Чајковски“ во 2015 година. Иако беше на четвртото место во финалето, тој беше единствениот музичар што беше награден во сите дисциплини од страна на московската музичка критика и опишан како пијанист со „неверојатен талент, уметничка визија и креативна слобода, која ги импресионира и критичарите и публиката“.

Маестро Јерухам Шаровски (1956) рано почнал да изучува музика. Студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во почетокот на 1970-тите години емигрирал во Израел каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. Неговиот репертоар е широк и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мајсторски курсеви на значајни универзитети во светот.


На концерт без мобилен

„Музика, не мобилни – исклучи го телефонот, вклучи ги сетилата“ е новата кампања на Македонската филхармонија, која оваа институција ја почнува со првиот симфониски концерт во новата сезона, а кој ќе се одржи вечерва со славниот пијанист Лука Дебарг и со маестро Јерухам Шаровски зад диригентскиот пулт. Кампањата треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не користат телефони за време на музичките настани.
– Невкусно е кога за време на концертите на клaсична музика, кога имаме мир и благосостојба, кога се одмораме од секојдневието, но и кога сме силно сконцентрирани на она што како естетика, филозофија и музика ни се нуди, тоа да се нарушува со звуците или со блицевите на телефонот. Употребата на телефонските апарати им пречи и на оние што се на сцената, затоа што постои можност за деконцентрација, одвлекување на вниманието, а со тоа и за несоодветно претставување на делото што го изведуваат. Класичната музика е специфична и бара силна посветеност, огромна жртва и континуирана работа. Сето тоа може да исчезне во само еден миг ако заѕвони нечиј телефон – вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.