Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“ што се одржува со поддршка на Францускиот институт во Скопје, вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт на француските уметници Ариан Баке – обоа и Теодор Ламбер – пијано. На програмата се дела на Шуман, Дранишкова, Чајковски, Пуланк, Рахмањинов, Паскули.
Разновидната кариера на Ариан Баке вклучува настапи како солистка, оркестарски и камерен музичар и активна педагогија. Во постојана потрага по нови предизвици и нов репертоар, Баке е дел од различни проекти и е член на оркестарот во градот Лил, операта во Лимож, ансамблот „Апасионато“, а често е дел од камерни состави како: дувачки квинтет, дуо со пијано и слично.
Во последните две години таа е дел од повеќе интернационални оркестри, како оној на фестивалот Шлезвиг-Холштајн, а преку таквите активности и се укажува можност да свири во познати германски концертни сали, како новата филхармониска сала во Хамбург, Концертхаус во Берлин со диригенти од рангот на Кристоф Ешенбах со кој исто така настапила во дуо – на концерт снимен од НДР. Покрај класична музика, Ариан Баке свири и џез и електронска музика настапувајќи со ансамблот „Арт соник“ со кој свири популарна музика, електро музика и слободни импровизации. Во 2014 дипломира обоа и камерна музика, а подоцна и магистрира на Парискиот конзерваториум. Покрај музика, таа студира и француска литература.
Францускиот пијанист Теодор Ламбер дипломира на Конзерваториумот за музика во Париз, и е лауреат на повеќе интернационални натпревари како „Виртуози на срцето“, натпреварот „Шопен“ во Брест и натпреварот „Клод Бонетон“. Настапува како солист на фестивали во Германија, Холандија и Франција, а како камерен музичар има завидна кариера со ансамблот „Аралиа“ кој настапува како резидентен ансамбл во Европскиот центар за камерна музика. Покрај тоа настапува на познатиот клавирски фестивал Рок Д’ Антерон и во Москва, Манчестер, Хаг, Савона и Сполето. Активен е и како композитор, неговите дела се изведувани во Франција и Канада, а последното дело за 13 инструменти е нарачка од Парискиот конзерваториум и премиерно е изведено на Фестивалот во чест на Дебиси.