Актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се годинешните добитници на наградата „Златен објектив“ за 2020, одлучи Управниот одбор на Кинотеката на Македонија.
По повод својот роденден, Кинотеката секоја година го доделува „Златниот објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. На 29 април 1974 година објавен е Законот за формирање на Кинотеката во „Службен весник“ како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од особено уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење… Оттаму, „Златниот објектив“ се доделува во овој период од годината, значаен за основањето на Кинотеката.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.
Никола Ангеловски – Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете во детската радиодрама и детскиот куклен театар, но на филм дебитира во 1962 година во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 година, па сè до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје. Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери што остварил најголем број улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската. „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух Планина“, „Македонска крвава свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“, се само неколку од многуте филмови во кои се појавува Ангеловски.
Во 1973 година го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир (Бата) Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах, љубов моја“.
Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено, работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се, Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.) и за театрски претстави (во Драмскиот театар, кумановскиот и битолскиот театар, Театарот на националностите, Театар „Пралипе“ итн.). Во 1977 година специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз и почнува поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција. Подоцна, предава историја на облека и модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, каде што се пензионира.
Автор е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на речиси 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и во Археолошкиот музеј во Скопје.
Наградата на Ангеловски и Тодорова-Младеновиќ свечено ќе им биде врачена кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања.