Христовото појавување на Марија Магдалена“, Александар Андрејевиќ Иванов

Жени теолози објавиле „Женска библија“, во која Марија Магдалена е похрабра од апостолите

Уморни од тоа светите текстови да се користат како оправдание за покорување на жените, повеќе жени теолози од католичко-протестантскиот свет ги здружиле своите сили во пишување „Женска библија“.
Жените што ги познаваме во преводите и интерпретациите на библиските текстови главно се слугинки, проститутки или светици, кои играат за кралевите или клечат пред Исус и му ги љубат нозете. Со таквите вкоренети интерпретации дел од жените теолози не можат да се помират, а веруваат дека Светото писмо, ако се толкува правилно, може да биде оружје за промоција на еманципацијата на жената.

– Феминистичките вредности и читањето на Библијата не се некомпатибилни – тврди Лауриан Савој, професорка на Теолошкиот факултет во Женева, која со колешката Елизабет Парментиер ја објави книгата „Женска библија“ (Une Bible des Femmes).
Станува збор за збирка на текстови, создадена во соработка со 18 жени теолози од повеќе земји што го оспоруваат тоа што жените длабоко вкоренето се интерпретирани како слаби и потчинети на мажите.

Парментиер во таа смисла укажува на Евангелието по Лука, во кое Исус ги посетува двете сестри Марта и Марија.

– Тука се зборува дека Марта се погрижила за „службата“, што се толкува дека послужила храна, но грчкиот збор „диакониа“ може да има и други значења, може, на пример, да значи дека била ѓаконица – смета Парментиер.

Тие не се првите што се обиделе да ја протолкуваат Библијата подостоинствено кон жените. Уште во 1898 година американската суфражетка Елизабет Кеди Стентон со 26 други жени го изработила нацртот на „Женска библија“, за да се промени длабоко вкоренетиот верски став дека жената мора да му биде покорна на мажот.

Две професорки од Женева биле инспирирани од тоа дело и најпрвин планирале да го преведат само на француски, но констатирале дека 120 години стариот текст сепак презастарел и одлучиле дека мораат да создадат нов, кој ќе одговара на 21 век.

– Сакавме да работиме на екуменски начин – рекла Парментиер и нагласила дека половина од жените се вклучени во проектот на католичките, а други доаѓаат од разни гранки на протестантизмот.

Во воведот на „Женска библија“ авторките нагласуваат дека сакаат да понудат промена во христијанската традиција, „да ги променат патријархалните интерпретации со кои се оправдуваат голем број забрани и ограничувања на жените, да го разоткријат она што е останато скриено, вклучувајќи еднострани преводи, парцијални толкувања“.

Савој тврди дека Марија Магдалена, женскиот лик што најмногу се појавува во Евангелието, има нечесен третман во многуте интерпретации на Библијата.
– Таа беше со Исус, вклучувајќи и кога умираше на крстот, кога сите апостоли се плашеа од тоа. Таа беше прва на неговиот гроб и го открила воскреснувањето. Една е од клучните ликови, но најчесто се опишува како проститутка – објаснува Савој.
Жените теолози додаваат и дека библиските текстови треба да се стават во историски контекст. ТПОРТАЛ.ХР.