Туристичкиот брод „Опера“, кој на 2 јуни изгуби контрола во близина на центарот на Венеција, стана сензационална вест која го обиколи светот, а би можела да биде и капката што ја прелеа чашата. Локалните жители и активистите веќе со години се борат против тоа судбината на нивниот град, кој е на листата на светското културно наследство на Унеско, да ја крои профитот на бродските компании. Тие бараат да се спречи вакви големи бродови да влегуваат во лагуната.
– Поминаа седум години откога гласно побаравме да се блокира транзитот на овие морски монструми, ова ја прелеа чашата – порачаа членовите на здружението „Комитато Нограндинави“, во пресрет на отворањето на изложбата „Океан луѓе“, на 58. Биенале на уметноста, која се занимава токму со последиците на бродската туристичка индустрија на животот во Венеција.
За денеска е најавен нов голем протест по повод инцидентот, а се огласи и министерот за култура Алберто Бонисоли, кој потсети дека се потребни мерки заради заштита на Венеција како дел од светското наследство. На последиците од бродскиот туризам укажа и британскиот уметник Бенкси со делото „Венеција во масло“, кое се состои од импровизиран штанд со слики, кои заедно прикажуваат туристички брод зад кој градот само се наѕира.
Поради „прекумерниот туризам“, Унеско ја разгледува можноста да ја стави Венеција на Листата на загрозено културно наследство.