Начинот на кој огледалото како медиум за ликовно изразување го користи ликовниот уметник Ќире Јосифов го издвојува како единствен и различен од другите ликовни уметници. Во неговото творештво огледалото е присутно цели четири децении речиси од самите почетоци.

Утревечер со почеток во 18 часот во рамките на настаните кои се организираат на денот на ослободувањето на Кавадарци 7-ми Септември, во галеријата на Домот на културата ќе биде отворена изложба на Ќире Јосифов со наслов „Моменти“ на која ќе бидат изложени 9 дела работени со огледала и 19 пејсажи на платно.
Неговата повеќедецениска поврзаност со огледалото Јосифов ја објаснува со неговите дамнешни размислувања да го наслика треперењето на сонцето или чемер. Роден во Кавадарци во поднебје кое изобилува со сонце и топлина често рзмислувал за неуспешноста на многу негови колеги да го насликаат токму тоа треперење на сонцето и доаѓа до идеја освен со боја на платно тоа да го направи со огледалото употребувајќи го како медиум.


– Сметав дека на најдобар начин со огледалата можам да ја отсликам топлината, светлината и треперењето на на сонцето на загреаната земја. Потоа продолжив оваа моја идеја да ја развивам како концепт додавајќи повеќе слоеви на огледала истражувајќи на полето на четвртата димензија во уметноста, а тоа е позадината. Во моите дела првиот слој од огледалото одразува геометриска форма најчесто квадрат, позадината на тој квадрат се гледа во одразот на вториот слј на огледало и така натаму. Многу уметници го користат огледалото како медиум, но на овој начин сметам дека сум единствен бидејќи моите дела претставуваат един вид мобилна уметност која како прво го отсликува амбиентот во кој е поставена заедно со набљудувачот на делото. Во зависност од светлината и од кој агол се гледа сликата секогаш се доживува со нова експресија, а со секое движење на набљудувачот се добива нова слика на тоа треперење во кое се наѕираат колоритните позадини кои најчесто се топли бои како жолта , зелена и окер како одлика на поднебјето во кое живеам – вели Ќире Јосифов.
За разлика од сликарството процесот на создавање на дело со огледала бара многу подолги и студиозни планирања ни објаснува Јосифов. Бидејќи се работи за повеќе слоеви огледала мора однапред да се предвиди композицијата, па може да се каже дека му треба подолго време за планирање на сликата отколку да ја изработи. Неговите дела остават чуство како во самата слика да гледате втора слика, која ги истражува ликовните елементи: перспектива и строго геометриска композиција.
Заедно со делата со огледала ќе бидат изложени уште 19 платна со тематика пејзажи во кои без исклучок се содржат трите елементи: небо, земја и вода каде всушност во водата како огледало се отсликува природата. Неговите пејзажи се инспирирани од природата но подоцна се трансформираат во надреални па дури и апстрактни. Заедничко за пејзажите и огледалата е топлиот колорит и светлината која е одраз на поднебјето во кое живее и работи. Одлика на наговата сликарска техника е тоа што бојата ја користи сурова од туба и во кратки потези на платното ги добива бараните нијанси.
Ќире Јосифов целиот своја работен век го помина како ликовен педагог. Редовно е присутен на сите групни изложби на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци вклучувајќи ја тука и традициналната годишна изложба. Позначајни изложби има во Скопје, Бољевац и Љубљана и во многу градови во Македонија. Оваа година учествуваше во групната изложба „Роднокрајко творештво“ во Кавадарци заедно со уште тројца уметници.