Вечерва, во 20 часот, во Македонскиот народен театар, домашната публика првпат ќе има можност да погледне изведба на традиционална уметност од „Но-театарот Јамамото“ со 21 учесник, меѓу кои се вбројуваат и тројца носители на сертификат за нематеријално културно добро доделен од страна на Владата на Јапонија. На програмата се делата „Хагоромо“ (Перјаното руво) и „Цучигумо“ (Земјениот пајак) со титл на англиски и на македонски јазик. Настанот е во организација на Амбасадата на Јапонија, МНТ, и е поддржан од Министерството за култура.
Традиционалната уметност „но“ e вбројана во листата на УНЕСКО за Светско нематеријално културно наследство. Настанала пред околу 650 години и е најстарата зачувана сценска уметност, која до денес се изведува непрекинато и без да претрпи значајни промени. Основоположници се актерите и писателите Кан-ами и неговиот син Зеами од 14 и 15 век. Тие успеале да направат спој од голем број танци и изведувачки уметности, кои постоеле во тие векови. Заштитници на „но“ отсекогаш биле високата класа самураи, на чело со шогунот Ашикага. Оваа уметност својот врв го има доживеано во доцниот 16 век за време на владеењето на Тојотоми Хидејоши.
По крајот на феудализмот, кон средината на 19 век, „но“ ја губи државната поддршка. Сепак, останува да биде уметност на високата класа, и е поддржувана од водечки бизнисмени. На тој начин, традицијата на „но“ успева да опстои до денешно време кога уметноста зазема централно место во естетиката и културниот идентитет на Јапонија.