„Без наслов“ е тематската изложба од уметницата Касиопеја Наумоска што e поставена од денеска во Ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“ во Прилеп.

Наумоска е современ македонски автор чии дела се интригантни, атрактивни и маѓепсуваат, па публиката до трети ноември ќе може да проследи една навистина интересна поставка.
Во делата на Наумоска има една експлозија од бои и страст, една борба на емоции, чиниш интергалактичка борба на принципи, во еден така добро дефиниран композициски склад. И отмена имплозија ќе забележи д-р Васко Шутаров.
– Роден уметник. Тоа е првото име и презиме на уметникот, Касиопеја Наумоска. Поминаа и повеќе од дваесетина години од тој момент на прво и силно препознавање со уметноста на Касиопеја. Во меѓувреме, имав задоволство да го запознаам скоро севкупниот нејзин опус, да ја претставувам и пред домашна и пред странска публика, да бидам сведок на многу дела во создавање и “кум” на некои од нив… Има искреноста во нејзиниот пристап кон уметноста што ја твори. Играта со која владее совршено. Играта на детето во неа, со строгиот Учител над неа. Играта на освоените слободи и заробените страсти во нив. Играта на темното и светлото, на машкиот и женскиот принцип, на рационалното и ирационалното. Интегритетот на сите тие крајности, од кои пресоздава складна композиција. Импулсивноста во играта на линии и форми. Импресивноста со која ја облагородува сопствената експресија и провоцира трајни импресии кај својата публика… За Прилеп и нејзината трајна љубов поврзана со него, доволно е да се фрли летимичен поглед на бројните изложби во серијалот изложби кои низ годиниве на градење препознатлив имиџ и статус на голем сликар, токму овде во овој град ги има релизирано. Тоа се трајни нишки на една силна емоција и конекција. Меѓу Градот и Касиопеја – забалежува Шутаров за творештвото на уметницата.
Касиопеја Наумоска има дипломирано и магистрирано на ФЛУ во Скопје. Има реализирано повеќе самостостојни и групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на бројни награди и признанија.

Ка.М.