Викендов, под мотото „Потрага по допир“ се одржа извонредното, шеснаесеттото издание на фестивалот Танц Фест Скопје. На отворената сцена кај МКЦ, публиката уживаше во магијата на петнаесет авторски кореографии на домашни и гостински кореографии кои го одбележаа 30-иот јубилеј на македонската современа танцова сцена.
– Исклучително е чувството успешно да се реализира настан во овие околности, а особено годинешниот јубилеј од триестгодишното постоење на македонската танцова сцена. Работевме во рестриктивни околности, но публиката ја почувствува и се соживеа со љубовта која ја прикажавме на сцена. Особено се радувам што и покрај се, имавме и гостински танчери, дел од програмата ФОКУС:САД кои на љубителите на танцот им покажаа една поразлична димензија, во живо и преку танцови филмови. Годинава на Танц Фест Скопје, претставивме голем број македонски кореографи што навистина ветува. Ќе продолжиме посветено да работиме и да ги шириме границите преку она што најмногу го сакаме – танцот – изјави Рисима Рисимкин, уметнички директор на фестивалот и кореограф која оваа година прослави 30 година активно кореографско творештво.


Младата кореографка Адријана Данчевска која годинава имаше авторската претставата се потпиша и на истоимениот прв македонски танцов филм „ДОМА“, а со свои кореографии се претставија извонредните Ивана Коцевска, Дејан Битровски, Ивана Балабанова, Валентино Апостоловски, како и апсолвентите при УГД – Бобан Русески, Тереза Лазарев и Сара Цветковска. Како дел од годинешниот репертоар, фестивалот за првпат ја претстави програмата ФОКУС, со кореографи и танчери од Соединетите Американски Држави – Меган Бриџ и Кристин Бонансеа кои гостуваа на фестивалот и донесоа сосема поинаква естетика и начин на употреба на телото, во контекст на коментар на општествените прилики; го видовме и уметничкиот израз и на Шамел Питс кој се престави преку својот танцов филм “Lake of Red”. Традиционално, и оваа година се додели наградата „МЕНАДА за животно дело“, која ѝ припадна на американската танцова легенда, госпоѓата Џоан Мајерс Браун, и „МЕНАДА за млад уметник во областа на танцот“ со која се закити првата македонска балерина со професионален ангажман во рускиот Бољшој – младата Стефанија Гаштарска.
Како дел од дневната програма на фестивалот, се одржаа неколку танцови работилници со кореографките Меган Бриџ и Кристин Бонансеа, а свој настап како дел од програмта „Танцуваме со Виталија“ имаа и танцовите студија “Reverence” од Струмица, „УЛТРА“ од Куманово, „Анабела“ од Велес и „АКВА“ од Скопје.
Дел од годинешните поддржувачи на Танц Фест беа Министерството за култура, Град Скопје, Американската амбасада, организацијата American Dance Abroad, Виталија, Бовин, Зебра, како и медиумските покровители МРТ, Радио Бубамара, Antenna 5, City Radio, Urban FM и ТВ ВИС Струмица.
Покрај публиката која присуствуваше на отворената сцена во парк МКЦ, настанот беше проследен и на националната МРТ, локалната ТВ ВИС Струмица и интернационално, преку Јутјуб каналот на Танц Фест Скопје.