Eдинствениот средношколски музички фестивал во државава, „Гимфест“ вечерва и утревечер се одржува во Прилеп. На Фестивалот на музичките таленти од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ годинава прв пат има учесници и од 10-тина градови од земјава, а идната година претендира да стане единствен државен средношколски музички фестивал.
Според професорот по македонски јазик од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ и организатор на фестивалот Мартин Наумоски, фестивалот почна како ентузијазам на шест професори за да стигне на прагот на државна единствена од ваков вид манифестација. Вечерва преполната сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ настапија 17 најдобри солисти од гимназијата, а утре ревијално е настапот на најдобрите средношколски музички таленти уште од 10-тина градови од Македонија.
-„Гимфест“ и по девет години буди огромен интерес кај младите луѓе, и воопшто меѓу прилепчани кои знаат да препознаат квалитет. Со аудиција од 40 учесници избравме 17 солисти. Оваа година имаме две вечери: првата е на најдобрите прилепски гимназијалзи-музички солисти, а втората е национална вечер на која учествуваат тројцата најдобри од првата фестивалска вечер и најдобрите од 10-тина градови од Македонија. Нашата желба и интенција е овој фестивал да прерасне на државно ниво и сцената на „Гимфест“ да биде онаа од која ќе произлезат најдобрите млади таленти со кои ќе се гордееме во иднина. Ние сме професори по различни предмети, но се најдовме со иста желба, со ист дух за да направиме нешто што го нема во Македонија и веруваме во тоа – рече Наумоски.
Прилепските гимназијалци, дел од организаторската екипа и настапувачи напорно работеле шест месеци и се гордеат со се што постигнале.
Гимназијалецот Христијан Тунески, водител на програмата, истакна дека „Гимфест“ е пред се, едно огромно дружење на една млада екипа. – Шест месеци напорно работевме за единствениот ваков спектакл во земјава и јас сум горд на тоа, посочи Тунески.
– Огромна е гордоста и честа да се биде дел од овај спекакл што не издвојува од другите средношколци – вели учесничката Симона Илиеска.
За директорот на приелпската гимназија Диме Настески, фестивалот е одличен пример на успешните вонанставни активности и очекува со поддршка на Министерството за образование догодина Фестивалот да биде државен бидејќи е единствен и уникатен.
-Целта со овој фестивал е да ги ослободиме младите од трема, да можат слободно да настапат на јавна сцена, да ги докажат своите музички квалитети, а ние ги развиваме воннаставните активности и постигнуваме извонреден ефект. Самиот податок дека опстојуваме девет години говори за квалитетна манифестација низ која продефилирале преку 100 ученици со своите музички квалитети. Дел од учениците почнале професионално да се занимаваат со музика. Целта годинава е да го привлечеме вниманието и на македонската јавност и да докажеме дека Прилеп може да се носи со еден ваков културен настан. Се надеваме дека в година, со помош на Министерството за образование ќе го имаме првиот официјален, државен, средношколски музички фестивал – изјави Настески.