По завршувањето на еминентниот меѓународен фестивал Струшки вечери на поезијата, денеска претседателот Стево Пендаровски ги прими директорот на фестивалот Тодорче Тасевски и претседателката на жирото за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, Ангелина Бановиќ-Марковска. На средбата присуствуваше и младата поетеса Ива Дамјановски, којашто за својата стихозбирка „Двоумење“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2020 година.
На средбата директорот на оваа културна манифестација, Тодорче Тaсевски, го информираше претседателот Пендаровски за настаните коишто се одржаа во рамки на 59-тото издание на Струшките вечери на поезијата коешто поради пандемијата на ковид-19 годинава имаше скратена и измената програма. Во оваа насока, како што посочи Тасевски, во Струга присуствуваа само домашните поети, додека гостите од странство беа застапени преку видеочитања. „Следејќи ги безбедносните протоколи и покрај редуцираната програма, и оваа година Струшките вечери на позијата ги задржаа своите најзначајни поетски содржини“, додаде директорот на фестивалот, Тасевски.
Честитајќи им за напорите да не биде прекината шестдецениската традиција на Струшките вечери на поезијата, претседателот Пендаровски истакна дека културата и уметноста се повеќе од неопходни во кризни времиња, како што е сега пандемијата на коронавирусот.
– Во изминативе неколку месеци сите сме соочени со невообичаена ситуација. Најголем дел од настаните или се одложија или не се оддржаа воопшто. Затоа драго ми е што еден ваков меѓународно познат и признат поетски фестивал успеа да го задржи своето ниво на квалитет – заклучи на средбата претседателот Пендаровски.