Хрватскиот уметник Антонио Гргиќ работи проект со наслов „Споменици – некрополи на НОВ како места за водење љубов“ и остава свој имејл за прибирање информации од таков тип

Хрватскиот уметник Антонио Гргиќ, кој го истражуваше со години уништувањето на спомениците во регионов и во Источна Европа, работи на нов проект со наслов „Споменици – некрополи на НОВ како места за водење љубов“. Во интервју за сараевскиот весник „Ослобоџење“, тој посочува дека целта му е да направи картографија на водењето љубов на спомениците на НОВ, но и дека проектот, всушност, е создаден од анегдота што ја споменал еден од најголемите југословенски градители на споменици, архитектот Богдан Богдановиќ.

– Во своето последно интервју пред смртта, Богдановиќ го опишал најубавиот комплимент што го добил поврзан со своите споменици. Имено, за време на својот егзил во Виена тој сретнал млада жена, која му раскажала дека родителите ја зачнале на Партизанските гробишта во Мостар, монументалниот споменичен архитектонско-урбанистички комплекс во облик на некропола, кој е изграден по негов проект. Фасциниран и препознавајќи ја длабочината на тој чин и неговата поврзаност со длабоките слоеви на нашата психа, Богдановиќ чинот на зачнување на местото на смртта го нарекол архаичен чин. Таа ситуација, во комбинација со моето сопствено искуство, го иницира и моето истражување, кое го потврди фактот дека тој „мостарски случај“ не е единствен познат пример на таква практика. Низа други споменици, некрополи и костурници од НОВ во поранешна Југославија се документирани, всушност, како вообичаени места за водење љубов. Ме заинтересира зашто е тоа така – вели Гргиќ.

Спомениците на неколку нивоа се свртени кон смртта, па водењето љубов на таквите места на прв поглед, како што додава, му се чини како скандалозен перверзен и противречен чин.
– Но само на прв поглед, кога подобро ќе се размисли за историскиот и за политичкиот контекст, водењето љубов на споменик на НОВ е совршено логично. Низа споменици некрополи и костурници на НОВ се знае со сигурност дека биле и сѐ уште се места за водење љубов: Враца во Сараево, мостарските и ливањските партизански гробишта, Шехитлуци кај Бања Лука, Сутјеска… Ова е всушност истражување на тие скриени истории на спомениците на НОВ, но и на нашите лични и семејни скриени истории. Се обидувам да пронајдам луѓе што се зачнати на спомениците на НОВ, кои станале родители при чинот на водење љубов на тие места, анегдоти поврзани со водење љубов на тие места, семејни фотографии на спомениците, урбани легенди поврзани со спомениците како и пословици – вели Гргиќ, кој ја остава и имејл со порака до читателите да му испратат каква било информација од тој тип.

Тој смета дека денешното време е време на губење на границите меѓу уметничките дисциплини, но исто така и на границите меѓу уметноста и науката. За него не постои разлика меѓу архитектурата што ја студирал и уметноста, но напоменува дека денес не постои и разлика меѓу научното истражување и уметноста. Антонио Гргиќ во овој период пишува докторат на Институтот за теорија на архитектурата, историја на уметноста и културни студии на Архитектонскиот факултет во Грац и неговиот проект „Споменици – некрополи на НОВ како места за водење љубов“ е дел од негово истражување во кое спомениците на НОВ поради својата специфичност во светски рамки имаат важна улога.

– Спомениците од почетокот на својата историја беа места на смртта, но и на создавањето нов живот, тоа ни е познато да кажеме уште од стариот Египет, каде што во темелите на пирамидите биле ставани бродови што ќе му служат на фараонот за пловење по смртта. Има низа такви методи со кои низ обликување на спомениците самиот споменик се претворал во влез или превозно средство во оној друг живот што доаѓа по овој земскиот. Исто така, познати ни се ритуалите со кои се осигурувало повторно раѓање на животот на местата на смртта, сето тоа ни е познато од историјата на минатите култури и цивилизации. Така што оваа наша ситуација не е по ништо посебна во тој илјадагодишен тек на човечки цивилизации и култури. Она што е интересно е дека ние не го препознававме она што Богдановиќ го нарекуваше архаичност на нашата ситуација. Симболичниот чин на водење љубов на место на смртта датира, веројатно, од почетокот на нашата човечка историја, но тоа, за жал, никогаш нема со сигурност да го потврдиме. Низ историјата, ние луѓето сме ги менувале облиците што ги користиме при обликување на нашите споменици, но нивната примарна функција секогаш била иста. Спомениците со својата функција им се посветени на мртвите, на сеќавањето на нив, но и на самата смрт. Но во исто време спомениците се создадени и со нашите идеи за начините на трансцеденција на таа иста смрт. Го споменав бродот што му бил наменет на фараонот по смртта, но има многу такви примери. Чинот на водење љубов е еден од можните модели на трансцеденција на смртта, и тоа на неколку нивоа, од симболичко ниво до вистинско физичко во облик на зачнат нов живот. Спомениците со своите уметнички обликувања се на страната на творечкиот Ерос, а во исто време и на страната на Танатос со својата мортифицирана форма и содржина што е обележана со смртта. Затоа тие се совршена сценографија за поставување на нашата интимна и општествена драма, а со тоа инстинктивно во нас го повикуваат чинот на водење љубов – вели меѓу другото Гргиќ.

Тој потсетува дека Херберт Маркузе утврдил дека борбата за живот, борбата за Ерос, е политичка борба, но и дека непослушноста и бунтот се битен елемент во целата приказна, бидејќи сепак станува збор за споменици што биле свети за поранешната југословенска идеологија, а водењето љубов било еден вид бунт. На таа трага, на основа на своите истражувања Антонио Гргиќ ќе се обиде да ја прикаже картографијата на водењето љубов на локациите на монументалните споменични комплекси на НОВ. Поради политичката и идеолошката рамка тој спомениците од тој период ги смета и за специфична појава, бидејќи нивната изградба во голем дел се поклопувала со сексуалната револуција во поранешното југословенско општество. За него сегашните споменици имаат сосема различен политички и идеолошки наратив и како такви не се покана за водење љубов. Но, сепак се надева дека се лаже и истакнува дека „животот секогаш и во најнеможни ситуации наоѓа форма за своја репродукција“.

Антонио Гргиќ