Тие што имаа можност да присуствуваат на целовечерниот концерт на Исмаил Лумановски – Смајко и неговиот бенд, Њујорк Џипси Олл- Старс, откако три пати ги вратија на бис, беа единствени во оценката дека Битола во последните години не памети таков успешен и спектакулеран концерт.
Битолчанецот Исмаил Лумановски, кој живее во Њујорк САД, цели 34 години сонуваше да има свој целовечерен концерт во античкиот театар Хераклеја.
Тој сон конечно му се оствари синоќа, кога во рамките на битолското културно лето “ Бит Фест” заедно со Љубојна имаше целовечерен концерт.
Со своето извонредно музицирање, членовите на Њујорк Џипси Олл- Старс и Исмаил Лумановски ги воодушевија присутните над 3.000 гледачи, колку што и покрај променливото и облачно време присуствуваа на концертот.
Во прекрасниот амбиент на античкиот театар Хераклеја, Исмаил Лумановски, заедно со својот бенд „Њујорк Џипси Олл-старс”, ги кренаа на нозе битолчани и им приредија единствено доживување.
Иако поради дождовите кои ја зафатија Битола до последен момент не се знаеше каде ќе се одржи концертот, сепак организаторите одлучија сепак тој да се одржи на Хераклеја. И не згрешија.
Над 3.000 гледачи од Битола и другите градови Кичево, Свети Николе, Штип, голем број турски туристи и покрај променливото и студено време го исполија античкиот театар Хераклеја и не зажалија за тоа.
Исмаил Луамновски со совојот бенд и групата Љубојно им приредија единствено доживување.
Со одржаниот концерт се оствари детскиот сон на Исмаил Лумановски кога како мало дете во битолското музичко училиште сонуваше да има целовечерен концерт на Хераклеја.
Видно возбуден од единствената прилика која му се укажа на почетокот на концертот Исмаил Лумановски изјави:
– Многу сум возбуден затоа што ова е исполнување на мојот сон од мали нозе, да настапам во прекрасниот амбиент на античкиот театар Хераклеја. Како мал најпрво сонував да настапувам во Њујорк. Во изминатите години сум свирев на најголемиот број светски музички сцени. Но подоцна откако се исполни мојот сон, почнав да сонувам нов сон, а тој беше да имам целовечерен концерт со мојот бенд во Битола, на Хераклеја. Овој амбиент посебно го доживувам и кај мене раѓа посебни чувства. Вечерва затоа сум многу возбуден, но верувам дека ќе се претставам во добро издание – изјави Исмаил Лумановски кој дури во три наврати по завршувањето на концертот беше враќан на бис.
Инаку „Њујорк Џипси Олл-Старс” е бенд што постои веќе 15 години, а покрај Исмаил во истиот членуваат и Тамер Пинарбаси (канон), Панагиотис Андреу (бас) и Енгин Каан Гунајдин (тапани).
Со одржувањето на концертот на Хераклеја на Њујорк Џипси Олл Старс всушност битолското културно лето “ Бит Фетс 2018 “ се ближи кон својот крај.
Културното лето завршува со одржувањето на “Белата ноќ” на Широк Сокак, како и настапот на познатиот поп пејач Владо Јаневски.