Со претставата за деца „Црвенкапа“ во адаптација на Сашо Димоски, а во режија на Деан Дамјановски и забава за најмладите, синоќа во тетатарот Војдан Чернодрински започна детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“.

Првиот театарски детскиот фестивал за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, истакнувајќи дека идејата за реализација на овој фестивал потекна од Здружението на граѓани „Мал театар – Прилеп“, со цел да се промовира театарската уметност и културните вредности кај најмладата публика.

– Се надевам дека со еден ваков чекор, ќе ги оправдаме заложбите на големите театарски имиња кои излегле од нашиот град и несебично и гордо не претставувале со нивното творење и делување во општеството. Имиња кои имаат голем придонес на прилепската и македонската театарска сцена, како и надвор од нашите граници – истакна градоначалникот Јованоски.

„Црвенкапа“ е современа адаптација на добро познатата сказна за Црвенкапа и лошиот волк и истата е наменета за деца и младинци. Претставата покрај комичниот и забавен елемент, има и едукативен карактер, правејќи јасна споредба помеѓу безбедноста на градот наспроти опсаностите на шумата, нагласувајќи ја презафатеноста на родителите и преокупираноста на децата со мобилните телефони, но и потребата од консумирање на здрава храна.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите: Славица Манаскова како Црвенкапа, Васил Зафирчев како Волкот, Самоил Стојановски како Ловецот, Весна Димитрова Бобевски како Бабата и Кети Борисовска како Мајката.

Денес на репертоарот на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“ во 12 часот во кино салата „Мис Стон“ е преставата „Малиот Принц“ на театарот на Сенки и облаци од Скопје, а во центарот на градот кај саат кулата во 20,оо ч ќе биде прикажана пртставата „Заборавените кукли“  од театар Битола, додека,  в недела, фестивалот ќе го затвори претставата „Грдото пајче“ од театар за деца и младинци Скопје , која ќе се прикаже во театарот „Војдан Чернодрински“, во 19 часот.

Ка.М.