Со доделувањето на наградите, премиерата на документарниот филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и концерт на групата „Фолтин“ вечерва во Куршумли-ан ќе биде затворен 10-иот Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“.
Премиерата на „Медена земја“ е круна на македонската програма која беше прикажана во текот на годинашното издание на „Македокс“ и во чии рамки беа прикажани уште девет македонски филмови. Организаторите на фестивалот велат дека особено радува фактот што Друштвото на филмски работници на Македонија ден претходно донесе одлука „Медена земја“ да биде национален кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм, а дополнително филмот влезе во трка и за уште една престижна награда – за најдобар документарец на „Европските филмски награди“ , што ги доделува Европската филмска академија.
На „Македокс“ филмот ќе има две проекции – во Куршумли-ан и во киното „Фросина“ (во 22.30 часот) во МКЦ. По проекцијата во Куршумли-ан ќе следува концерт на групата „Фолтин“.
Синоќа во Младинскиот културен центар се одржа премиерата на четвртиот краток документарен филм што оваа година произлезе од школата „Докуникулци“, а во продукција на „Македокс“. Документарецот „Лог Аут“ на Рамона (Моња) Кочишка привлече бројна и разновидна публика. Документарецот на многу симпатичен и аналитичен начин го портретира ликот на нејзиниот татко – Логин Кочишки. На фестивалот премиерно беа прикажани и кратките филмови „Низ објективот на копнежот“ на Розе Симоновска, „Скопска ситуација ’18“ на Анастасија Павловска и „Палец горе“ на Марија Матеска.