Богатат програма што традиционално се организира за празникот Св. Трифун во Кавадарци започнува вечерва во 18 часот со ликовната изложба на уметникот Лазар Дојчинов, која ќе биде отворена во Музеј-галерија. На неговите дела преовладуваат мотиви инспирирани од лозарството, традиционалниот начин на производство на вино, ракија и маџун како други обичаи карактеристични за тиквешкото поднебје. На неговите акварели преовладуваат гроздовите, лозјата и гроздоберачите, како и топлите пејзажи од Тиквешијата со лозја и афион.

Во 18.30 часот во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ ќе биде отворена изложба на фотографии од Бранислав Бркиќ, Имре Сабо и Мирослав Јеремиќ која се реализира во соработка со Архивот на фотографии и Фото сојозот на Србија. Веднаш потоа во рамките на долгогодишната културна соработка на Кавадарци со градот Ковин од Србија ќе следи првото издание на фестивалот на традиционална музика „Срма“.

Утрешната програма по повод Св. Трифун започнува во 13 часот на градскиот плоштад со традиционално закројување на винова лоза. Целиот плоштад ќе биде во празнично руво исполнет со штандови на кои кавадаречките семејни винарии ќе ги презентираат своите вина и ракии, а домаќинките сите други производи од грозје како дел од богатата гастрономија. Во музичкиот дел ќе следи настап на „Акустико лајт“, „Трио Мањифико“ и фолкорниот ансамбл „Тиквеш“. За вечерната програма во музичкиот дел кој ќе започне во 20.30 часот предвидени се „Шалабајзерс“ и Игор Џамбазов и Гуру Харе.

Ми.М.