Влијателниот француски контрабасист Рено Гарсија Фонс, кој по работата во врвни француски симфониски оркестри во 90-тите, се одлучува за солистичка кариера, в четврток (24 октомври) ќе настапи во Филхармонијата.
Рено Гарсија Фонс разви свој музички јазик и стил, со кој на автентичен начин го еманципира инструментот на кој свири. Контрабасот во рацете на Фонс звучи како шпанска гитара, африканска бас-лаута, како виола или персиска виолина. Станува збор за врвен инструменталист со каталонско потекло и од таму всушност потекнува неговиот интерес кон шпанската и ориенталната култура.
Концертот ќе го води Џијан Емин, а на програмата се дела од Рено Гарсија Фонс, како и ремек делото на Морис Равел – „Дафнис и Клое“.
Равел во „Дафнис и Клое“ употребува светол колорит и прецизно избрана инструментација преку која ја ослободува француската музика од заштитната школка на вагнеризмот. Ова дело на спиритуалниот аристократ, како што го нарекуваат критичарите, е уште една потврда на генијалноста на Равел и неговото софистицирано чувство за креација.