Во изминатите години фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви, Леонард Коен и на „Крафтверк“, а оваа година ќе му оддаде почит на големиот јапонски филмски композитор Руичи Сакамото, преку прикажување на филмот „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле
Од 6 до 10 јуни во Кинотеката на Македонија ќе се одржи летното издание на фестивалот „Скопје синема сити“ (ССС). Оваа година ССС влезе во својата четврта година откако се организира и по тој повод, во текот на годината ќе има 4 филмски настани. Централно место во програмата зазема музиката и нејзиното филмско претставување.
– Фестивалот е обединувачката платформа каде што се застапени повеќе содржини и компоненти преку филмската програма. Тој нема натпреварувачки карактер, односно изборот на филмови не се прави само од понова продукција, туку се селектираат филмови од најразлични години на продукција, земји и автори за да се прикажат ширината и богатството на музиката и светот што таа го инспирира или што е инспириран од неа – изјави Ненад Георгиевски, директор на фестивалот.
Во изминатите години фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви, на Леонард Коен и на „Крафтверк“, а оваа година ќе му оддаде почит на големиот јапонски филмски композитор Руичи Сакамото, преку прикажување на филмот „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот се прикажа премиерно на филмскиот фестивал во Венеција во 2017 г., а се прикажа и на Берлинале во февруари оваа година.
Руичи Сакамото е познат како сестран уметник и неговите достигнувања во музиката се светски познати, почнувајќи од поп-изданијата и соработките со уметници како Дејвид Силвијан, Бил Ласвел, Иги Поп, Лори Андерсон, Хектор Зазу, па до многубројните филмски проекти, како „Среќен Божиќ, г. Лоренс“, серијата филмови во соработка со реномираниот режисер Бернардо Бертолучи „Последниот кинески цар“, „Чај во Сахара“ и „Малиот Буда“. Неодамна тој беше актуелен и со музиката за филмот на Алехандро Инариту „Повратникот“, на со „оскар“ наградениот Леонардо ди Каприо.
Фестивалот ја продолжува традицијата, во 2015 г. му додели признание на Дејвид Боуви за достигнувањата во областа на филмот и музиката, а оваа година со истото признание ќе се закити и Руичи Сакамото. На некаков начин филмот „Кода“ и неговите поттеми како активизам, креативност и животните приказни, кои придонеле за да се создаде таа музика и случувања ги обојуваат темите на филмовите што ќе се прикажат на овогодишниот „Скопје синема сити“.
Фестивалот е организиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм, а одделни компоненти се поддржани и од Министерството за култура.