Втората фаза од проектот на Музејот на градот Скопје и на Центарот за историски истражувања на Солун продолжува неделава
Тим етнолози од Музејот на градот Скопје неделава ќе заминат во Солун, во рамките на почнатиот двегодишен проект „Скопје виа Солун“, во чиј фокус се културните врски меѓу двата града од 19 век до денес. Како што посочува кустос-советничката Славица Христова, годинава во првата проектна фаза се остварени контакти со овој грчки град и со градоначалникот Јанис Бутарис, преку неговиот соработник за меѓународни односи и туризам, Спирос Пенгас.
– Наидовме на желба за соработка по што беше остварена преписка со нашиот градоначалник Петре Шилегов и во таа комуникација, двајцата градоначалници го поддржаа проектот. За соработник од нивна страна е одреден Антони Сатразанис, раководител на Центарот за историски истражувања на Солун. Неделава при втората посета на градот ќе бидат прецизирани тематските цели на проектот и темпото на неговата реализација, а предвидено е од него да произлезе публикација на компаративни проучувања на двата града со споредбени фотографии од 19 век за тоа како тие од ориентални, се менувале во европски градови. Проектот ќе заврши со изложба на архивски материјали, фотографии, предмети и лични приказни, која ќе биде поставена во двата града, а во исто време треба да биде промовирана и публикација на македонски, грчки и на англиски јазик – вели Христова. Освен неа, во проектот од страна на Музејот на градот Скопје се вклучени и етнолозите, кустос-советничката Татјана Ѓорѓиовска и кустоската Оливера Џартова-Тачевска.
Во фокусот на истражувањата се архивски материјал, фотографии, а за особено важни, напоменува Славица Христова, се сметаат истражувањата на семејните и на фамилијарните врски меѓу жителите од двата града.
– Разговарано е со Македонци што имаат некаква врска со Солун: школување, бизнис или брачни врски, а во Солун се остварени средби со млади жени што се омажиле и живеат во градот, луѓе што поради работа живеат таму. Тематски целини на проектот се: краток историјат на градот Скопје и на градот Солун од почеток на 19 век; поврзаност на градовите со воден, патен и железнички сообраќај; ориентални градови – споредбени фотографии; обележја на градовите; пазар; училишта; улици; куќи; промени на нивниот изглед од ориентални во европски градови; трговија и трговски врски од 19 век до денес; мануфактурно и индустриско производство; културни врски и влијанија помеѓу двата града; куќа; покуќнина; храна; облека: семејни и фамилијарни врски; образование и спорт – рече кустос-советничката Христова.