ВО ЧЕСТ НА СТОГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

 

Друштвото на писателите „Битолски книжевен круг“ неодамна ја издаде книгата „Синестезија на зборот“, која е мозаик на творби на темата – зборот, чии автори се писателите Радован П. Цветковски, Владимир Костов, Никола Кочовски, Петре Димовски, Панде Манојлов, Кире Неделковски, Златко Жоглев, Милица Димитријовска-Радевска, Зоран Пејковски, Гордана Стојаноска, Мирјана Стојановска, Весна Мундишевска-Велјановска, Елизабета Јончиќ, Даниела Андоновска-Трајковска, Славица Гаџова Свидерска, Биљана Т. Димко, Никола Илијовски и Михајло Свидерски.
– На овој начин членовите на „Битолскиот книжевен круг“ даваат придонес кон одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески. Книгата е квалитетно колор-издание во кое творбите се вкомпонирани со колоритот на уметничките дела на ликовните уметници: Атанас Крстев, Мирјана Крстева Массетти, Андријана Мациев, Љубица Мешкова Солак, Славица Милева, Драган Најденовски, Ивана Настески, Никола Пијанманов, Димитар Солаковски и Александар Тасески-Џинго, кои впечатливо го вдахновуваат доживувањето на синестезијата на зборот – велат од друштвото.

Приредувачи на изданието се: Весна Мундишевска-Велјановска, Даниела Андоновска-Трајковска и Елизабета Јончиќ, а ликовна уредничка е Љубица Мешкова Солак.
– Повод за оваа вредносна творечка акција е стогодишнината од раѓањето на една од најзначајните и влијателни личности на нашето македонствување Блаже Конески. Идејата и резултатот имаат трајна вредност не само во она што веќе е речено туку и во просторот на сопственото постоење/раѓање со потврда оти Битола покажува/потврдува оти градовите како и луѓето имаат душа. Битола со своите писатели, театарот, музеите, културните и книжевни манифестации има бележито место на македонската мапа на трајни духовни и материјални цивилизациски вредности. Зборот е знак на препознавање и пресоздавање, тој е мисла, убавина и слобода, татковина и вековнина. Како сегашност ги поврзува минатото и иднината не само како право и привилегија туку и пред сѐ како одговорност пред зборот – вели Васил Тоциновски.